Негрижлива грижа (или тркачи на долги патеки спротивно од одговорноста)

Пишува: Александар Цветкоски – Антрополог

Ајде да се насмееме: „Државата  обезбедува  услови и ниво на животен стандард што одговараат на физичкиот, менталниот, емоционалниот, моралниот и социјалниот развој на децата“. Звучи комично, зар не?

Комично е затоа што реалноста е мошне далеку од наивната декларација и сите форми на негација на овие базични потреби на детето се на сила, за што е показател растечкото врсничко насилилство и воопшто, насилието врз децата, како показател на нашата општа негрижа.

Многу декларации, многу планирање, а така малку сработено.

Насилието врз учениците е повреда на основните детски права. Со насилие се соочуваат и децата и возрасните, а децата можат да се соочат и со врсничко насилие и со насилие од возрасни личности.

Општата негрижа, која ја препознаваме како „божемна грижа“, или „негрижлива грижа“ се гледа и низ номиналноста во постапувањето, голема незаинтересираност дали плановите се остваруваат на терен и „прогледувањето низ прсти“, за да се заштити партизираниот и нестручен систем на преслабо платени стручњаци. Гледајќи ги извештаите за насилство и настаните, тоа е токму така и се гледа дека не постои значајна „хоризонтална имплементација“ (спроведување во самите училишта) за спречување и превенирање на сите облици на дискриминација и злоупотреба.

Службите велат „што можеме ние кога родителите не соработуваат“. И толку.

Министерството вели „ние ви напишавме закони, правилници и прирачници, ве тераме да донесувате годишни програми за заштита од сите форми на насилие и занемарување – која никој нема да ја види и никого не обврзува, ве штитиме што не напредувате во струката и не одите на обуки почесто, не ве тераме да се лиценцирате кај вашата Комора, па што сакате повеќе? Да не сакате повисоки плати?“

НВО – ите велат ние работиме и спроведуваме проекти за булинг и имаме бравурозни резултати, оти препишавме… пардон …. напишавме прирачник за булинг и напечативме постери и лифлети!

Големите организации како ОБСЕ, УНИЦЕФ, СЗО, „Меѓаши“… велат „па ете, ви донесовме нова програма, упатство, истражување, ви направивме кутри тимови, кои никогаш не проработија – борете се“!

Родителите велат… во суштина не велат ништо, затоа што немаат време за своите деца, бабите, кои „ги гледаат“ децата не ги викаат на разговор, а кога ќе ги повикаат на разговор, нивното дете е многу паметно и натепало некое друго, затоа што било провоцирано. Попатно родителите, во ретките моменти кога ќе се сетат дека имаат дете, ќе му напоменат дека не треба да се оди кај училишниот психолог, оти таму, одат само „будалите“.

Децата урлаат, се закануваат, уценуваат, лажат и тепаат или се предмет на малтретирање и насилство, поетично наречен булинг, затоа што формите се граничат само со фантазијата на насилникот.

Права „идила“, а ниту почнавме да ги изложуваме проблемите…

Слични Објави