|

На Клиниката за неврохирургија првпат извршена операција на мозок со систем за стереотаксија

На Клиниката за неврохирургија денес е испишано ново поглавје во македонската медицина — првпат е извршена операција на мозок со помош на системот за стереотаксија (framed stereotactic brain biopsy).



– Големо е задоволството кога гледаме развој во јавните здравствени установи преку воведување нови, современи методи. Станува збор за минимално инвазивна постапка која се изведува со помош на специјална рамка што се поставува врз главата на пациентот. Со тридимензионални пресметки се планира точната локација на интервенцијата и се зема материјал за анализа – изјави министерот за здравство, Фатмир Алиу.

До овој значаен исчекор се стигна по интензивни подготовки и соработка со експертски тим од Бразил, предводен од проф. Маноел Јакобсен Теишеира од Универзитетот Сао Паоло и инженерот Антонио Мартос Калво.

Интервенцијата ја изведе тимот во состав: д-р Роберт Шумковски, д-р Ивица Коцевски, д-р Љуљзим Агаи (неврохирурзи) и д-р Радмила Панговска (анестезиолог).

– Посебна благодарност упатуваме до тимот од неврохируршките сали и од одделот за континуирана поддршка во текот на работниот процес, како и до Клиниката за радиологија за нивната несебична и трпелива соработка. Оваа постапка отвора исклучителни можности за понатамошен развој на функционалната неврохирургија и за лекување на различни невродегенеративни заболувања, за кои досега пациентите беа упатувани на лекување во странство – изјави директорот на Клиниката за неврохирургија, д-р Љуљзим Агаи.

Слични Објави