Градоначалникот ја донираше платата за настраданите во Кочани

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, синоќа учествуваше во хуманитарната програма „Канал 5 и Македонија за Кочани“, каде што граѓаните можеа телефонски да донираат средства за настраданите од пожарот во Кочани.

Во студиото на „Канал 5“, Герасимовски упати порака за солидарност, истакнувајќи дека во овие тешки моменти граѓаните треба да бидат обединети и хумани, а политичките разлики да се остават настрана. Тој потврди дека Општина Центар веќе донирала средства, а лично ја донирал и својата плата за помош на настраданите.

„Ова се моменти кога треба да покажеме заедништво и човечност. Да не ги политизираме работите, туку да помогнеме на оние на кои помошта им е најпотребна“, изјави Герасимовски.

Тој информираше дека на последниот состанок на Управниот одбор на ЗЕЛС биле дискутирани повеќе мерки за зголемување на безбедноста во општините. Меѓу предлозите биле подобрување на противпожарната заштита во зградите, препораки за куќните совети за одржување на хидрантите и противпожарните апарати, како и санација на фасадите во лоша состојба.

Дополнително, како што посочи, работни групи подготвуваат стандарди за урбана опрема кои ќе важат за сите општини во земјата. Посебно внимание, рече тој, е посветено на безбедноста во училиштата и градинките.

Тој апелираше за поддршка на семејствата на настраданите и на оние кои сè уште се лекуваат од последиците на пожарот, нагласувајќи дека заедништвото е клучно во вакви кризни моменти.

Слични Објави