МВР предупредува за лажни е-маил повици во име на Бирото за јавна безбедност
Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека последниве денови повеќе граѓани добиле лажни електронски пораки во кои испраќачите се претставуваат како директор на Бирото за јавна безбедност. Во пораките на граѓаните им се испраќаат „повици“ поврзани со наводна тековна криминална истрага, со образложение дека примачот на е-маилот е осомничен за сериозни кривични дела, меѓу кои детска порнографија, педофилија и трговија со дрога.
Во пораките се бара граѓаните да се јават во полициска станица во рок од 24 часа или да испратат повратен е-маил, при што измамниците се обидуваат да приберат лични податоци и други чувствителни информации.
МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажни пораки кои не се испратени од страна на Бирото за јавна безбедност при МВР. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните, со цел нивна понатамошна злоупотреба. Покани до граѓаните за истражни постапки од страна на МВР не се испраќаат преку е-маил адреси.
Апелираме до граѓаните да не отвораат ваквите пораки, да не се контактира испраќачот и никако да не се споделуваат личните податоци кои ги бараат измамниците. Исто така, апелираме граѓаните да не ги отвораат линковите и датотеките кои се испратени во прилог на било која електронска порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер.



