(Видео) Прилеп и тутунот-Традиција долга речиси пет векови и музеј единствен на Балканот – Пред камерите од Српска телевизија
Екипа на новинарската емисија „Квадратура круга“ од Радио Телевизија Србија беше во Прилеп и снимаше репортажа за традицијата на одгледување и обработка на тутунот, како и за музејот џа тутун, кој ги собира и чува експонатите поврзани со тутунот.
Прилеп со векови е препознатлив како градот на тутунот. Според историските белешки, тутунот во Прилеп стигнал во 1573 година. Од тогаш до денес, ова растение се одгледува непрекинато, станувајќи дел од локалниот идентитет, економијата и културата на целиот регион.
Пред само три децении, во Прилеп годишно се произведувале околу 30.000 тони тутун, што претставувало речиси една третина од вкупната македонска продукција. Денес, иако бројките се намалени, тутунот и понатаму се одгледува на околу 4.000 хектари земјиште, а за многу семејства претставува важен извор на егзистенција.
Прилеп е познат по своите сорти ориентален, ситнолисен и ароматичен тутун. Тие се исклучително ценети на светскиот пазар и често се користат како „сос“ – додаток во мали количини со кој познатите меѓународни брендови го подобруваат мирисот и вкусот на своите најквалитетни цигари.
Зад создавањето и селекцијата на овие сорти стои научната работа на д-р Рудолф Горник, кој пред еден век го основал Институтот за тутун во Прилеп – првиот научен институт во Кралството Југославија. Тука се изведувале првите експерименти и вкрстувања за создавање нови, висококвалитетни сорти ориентален тутун.
По Втората светска војна, Горник основал и Висока школа за тутун, каде своето образование го стекнувале стручните кадри за целата тогашна југословенска тутунска индустрија.
Во рамки на институтот денес се наоѓа и Музејот на тутунот – единствен на Балканот и еден од само два вакви музеја во Европа. Музејот располага со повеќе од 4.200 експонати, а во постојаната поставка изложени се околу 1.300 предмети поврзани со сите аспекти на тутунот, од производство, манипулација, наука, рекламирање, производство на тутунски производи, монопол над тутунот и неговиот историјат.
Меѓу нив се наоѓаат уникатни лули, муштулки, бурмутници и наргила, како и табакери од благородно дрво и коска, рог, сребро, злато, платина и украсени со драги камења, кои им припаѓале на владетели и личности од историјата од различни историски периоди. Секој предмет носи своја приказна, култура и контекст.
Интересен е и податокот дека пред еден век само 5 проценти од Европејците пушеле цигари, додека останатите го консумирале тутунот на други начини – џвакање, шмркање или преку лулиња и наргила.
Токму дел од овие приказни, предмети и живи сведоштва за традицијата на тутунот во Прилеп се претставени и во новото издание на „Квадратура круга“, кое повторно го става Прилеп во фокусот како град со уникатно наследство кое се пренесува веќе речиси пет векови.
НУ Завод и Музеј Прилеп и Научен Институт за тутун – Прилеп, помогнаа во реализацијата на емисијата, а користени се и видео-снимки од архивата на ОТВ.



