Бронзен медал за Сара Стефановска на Европската олимпијада по информатика за девојки
Македонската ученичка Сара Стефановска освои бронзен медал на Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2025), која се одржа од 14 до 20 јули во Бон, Германија.
Антонела Владева од Свети Николе доби олимписка пофалница, додека Елена Трифуноска од Тетово и Јагода Панова од Струмица имаа солидно претставување.
Како што информираат од Здружението на информатичарите на Македонија, ова е трет последователен успех за македонскиот женски тим на ЕОИД, со вкупно освоени 8 медали досега – еден сребрен и седум бронзени.
На ЕОИД 2025 учествуваа 138 девојки од 38 европски земји и уште 85 натпреварувачки од држави надвор од Европа.
Македонскиот тим беше предводен од д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од ФИНКИ, со поддршка од Здружението на информатичарите на Македонија.
Следната ЕОИД ќе се одржи во Италија, додека македонските информатичари веќе се подготвуваат за следниот предизвик – Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ) во Боливија.



