„Клексан“ и „Фраксипарин“ на позитивната листа – од декември ќе се земаат на рецепт
Два лека против згрутчување на крвта, „Клексан“ и „Фраксипарин“, од идниот месец ќе бидат достапни на рецепт преку аптеките. Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) е во завршна фаза на постапката за нивно вклучување на Позитивната листа на лекови, со што пациентите ќе добијат полесен пристап до терапијата, а ќе се намали и административното оптоварување на системот.
Со ова проширување на листата, Фондот овозможува домашно продолжено лекување со антикоагуланси – терапија која досега се обезбедуваше исклучиво во болнички услови и се рефундираше по поднесени барања од пациентите.
„Со преминувањето на овие лекови од болничката на позитивната листа, пациентите ќе имаат побрз и полесен пристап до терапијата, која ќе ја добиваат директно на рецепт. Истовремено, Фондот ќе го намали административното оптоварување поврзано со процесот на рефундација,“ изјави директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, на прес-конференција.
Целта на оваа мерка, според Клековски, е подобрување на пристапноста до терапијата и едноставување на процесот за осигурениците. Тој најави дека до крајот на ноември ќе се финализираат сите потребни анализи и договори со дистрибутерите, за да можат лековите да бидат издавани на рецепт од декември 2025 година.
Дополнително, се работи на имплементација на системот за Е-рецепти, со што ќе се овозможи електронска контрола на потрошувачката на лекови и ќе се намали ризикот од злоупотреби.
„Фокусот во оваа фаза се антикоагулансите, бидејќи со нив се третираат широк спектар на граѓани кои имаат потреба. Следуваат и нови чекори за подобрување на достапноста и ефикасноста на здравствените услуги,“ додаде Клековски.
Од Фондот посочуваат дека се разгледува и воведување на договорен влез на позитивната листа, што ќе гарантира ценовна заштита и ограничување на можната доплата за граѓаните. Цената на лековите сè уште се утврдува, но од Фондот уверуваат дека доплатите ќе бидат минимални.
Со оваа одлука, „Клексан“ и „Фраксипарин“ стануваат дел од поширокиот пакет мерки за рационализација и подобрување на пристапот до терапија во македонскиот здравствен систем.



