Музеј за тутун – Нов концепт на презентација – 50 години Музеј на тутун
Да има човек лула од 4.000 евра, да ја запали со скап Кевендиш од Малави и да седне „да се дружи“ со своето виски од 400 долари по шише, па да размислува за себе и за светот, ќе му дојде да се чувствува голем и успешен. Ако некој го гледа при тоа – полна капа! Дрогата на самовеличењето е примена „до балчак“.
Историјата покажала дека човековиот дух многу тешко се менува. Тоа е така заради неговите желби, кои секогаш се групирани околу многу едноставни работи: Да се покажеш, да бидеш омилен, другите да имаат високо мислење за тебе, да бидеш „алфа“, да покажеш докази за твојот статус. Тоа е во ред. Ние такви се раѓаме, а спротивставувањето на базичните инстикти е (најчесто) работа на вера и едукација. И едното и другото велат „дај смири, не си единствен на светот“. Кој да слуша?
Луксузот е „мајка“ на нарцисоидноста, доказ за успех и за повисоко место на „синџирот на исхрана“. Суштински гледано, луксузот е глупост, со сите последици што ги носи ваквата констатација, а (да потсетиме) тутунот е луксуз и не е само „дрога“, „опасно средство“ – коешто ги затнува вените, предизвикува рак, смрди, загадува, гуши, труе… Предметите за уживање тутун се истото тоа, врвен луксуз, кој не ви е потребен, но сакате да го имате, затоа што е скап, екстравагантен, носител на бренд, доказ за вашиот префинет вкус и богатство.
Точно ова е една од рамките на презентирање на феноменот на тутунот, кој не е само растение, туку социјален феномен, кој околу себе твори „сфера на значење“. На пример, ние сме морале да го нанижиме тутунот за да излеземе на корзо, да го „предадеме тутунот“ за да школуваме деца или да подреновираме. И сега не е многу различно.
Како тоа да се претстави на јавноста е друго и тешко прашање, на кои (повторно) започнавме да одговараме лани, после 50 години од формирањето на Музејот за тутун – Прилеп. Започнавме со комплетно „преоблекување“ на 5 витрини. „Облеката“ не ја купивме, туку сами ја изработивме, според експонатите – нешто што досега не е правено кај нас, а овозможи и да изложиме повеќе експонати (ние и понатаму набавуваме експонати) и да им дадеме заслужно место на прифилираните постаменти, за да ја раскажеме приказната.
Не дека и досега немавме врвна презентација пред туристите и медиумите, но сегашната публика не е иста со некогашната и сака уредно и разбирливо експонирање, со презентација според видови експонати, па дури и да посети музеј без водич, што значи дека мора да прочита на самата витрина што гледа во неа. Речено – сторено! За таа цел и осветлувањето го претворивме од загушено – во „дневна светлина“, со промена на комплетното осветлување во салата и во витрините. Додуша, сега ќе трошиме само 1/6 од струјата, што досега ја трошевме, а и веќе „не нѝ се штипе душата“ дека нешто може да се запали од инсталацијата, затоа што ја проверивме и поправивме.
Сето ова е овозможено со проект – финансиран од Министерството за култура, потпомогнат и од Научен институт за тутун – Прилеп и неколку помали деловни донатори. Парите максимално ги искористивме, без дневници за учесниците, без пари за проектирање, ангажирање дополнителен персонал за транспорт, чистење и сл. Сè сами сѝ сработивме, а плативме само што моравме. Плативме и за 130 нови експонати.
А сработивме! Не е тука само вадењето на експонатите од витрини заради мерење и проектирање на постаментите, редењето и прередувањето спрема приказните – еднаш надвор од витрина, па нивно враќање во витрини и повторно прередување спрема видливоста, па чистење на витрините и повторно вадење за да се залепат PWC легендите, нивното чистење, конзерваторски интервенции, анастилози и реконструкции на оштетени делови, кои конзерваторот – советник Горан Стојаноски мајсторски ги изведе, туку и „препрочитување“ на печатите и ознаките на среброто и златото, евиденција во „книга на движење на експонати“ и инвентарните книги, каде мора да се запишат сите промени, интервенции и постапки за конзервација. Не се работи овде за 10 или 20 експонати, туку, за 600, кои се по точно по 5 пати преместувани и прередувани. Тешка работа, која, на крај, сепак се исплати, затоа што „излегоа“ две табакери направени во Фаберже, една во Картие и една лула од Св. Клод, која е меѓу првите индустриски лули од предминатиот век.
Голема вредност при сето ова претставува и припремата на идниот кустос на Музејот за тутун виш кустос Паре Зареска, па овој музеј нема „да остане сираче“, кога ќе си заминам во пензија. Кога сега не полуде во сиот напор – ќе ја биде. Попатно, таа веќе самостојно ја води поставката.
Сепак, ова е само прва година од разубавувањето и осовременувањето на Музејот за тутун и нема многу да значи ако државата (Министерство за култура) не го финансира проектот во наредните 3 до 5 години. Тимот на НУ Завод и Музеј веќе има спроведено активности за изнаоѓање странски донатори, за покрупни зафати, како што е лифт за лица со специјални потреби и систем за осветлување, во случај на прекин на напојување со струја.
Да потсетиме. Музејот за тутун е музеј на приказните за светот – видени низ очите на тутунот и гледаме јасно низ работата со експонатите, дека ниту д-р Бошко Бабиќ, ниту д-р Тадеуш Полак од ПКЗ институтот во Полска (подоцна и Министер за култура на Полска), не го „собирале“ овој музеј по светот туку – така. Тие тоа го правеле со јасен план. Имено, уште во 1972 година Бошко бабиќ (тогашен директор на народниот музеј во Прилеп), го искористил „Сликарскиот симпозиум“ (сега Центар за современа ликовна уметност), за да добие информации каде да ги бара овие вредни експонати и добил илјадници писма од уметниците – кои престојувале во Прилеп, со локации и приказни за „таков и таков“ експонат. Одма, тој испраќал комисии, кои ги купувале експонатите по светот. Така, тој ги „пронашол“ и лулите од светските изложби од Виена и од Париз, лулата од свештеникот Кемпбел – свештеникот на љубовта, лулата од Романов (не само негова, затоа што од неа пушеле и Красовскаја и Мјасин и Миа Славенска и Зорин), од Ана Колом Казанова, Дража Михајловиќ (и табакерата), Жаклин (куртизаната – благородничка), Ралица (љубовница на Андропов), Тито, Јованка Броз… И Бошко и Тадеуш биле многу моќни, за да земат експонати и од други музеи, да ја минуваат „Железната завеса“ кога сакаат и да ги „преминат“ преку граници и да најдат пари за купување (милиони марки).
Што значи „да трчаш по приказната?“ На пример, за да се објасни практиката за „последна цигара пред смрт“ или „цигарета како последна желба“, барана е барем една лула од Првиот пушачки клуб на светот од Лондон, формиран 1594 година, од Сер Волтер Рајли, кој го посетувале и кралот и кралицата на Англија. Барана е и најдена во антикварница во Бирмингем и тоа без интернет, туку со стотици писма до уметници од Британија. Токму Рајли ја испушил „последната лула“ под бесилка, односно првата „последна лула“, што останало обичај до ден – денес, во некои држави, во форма на „цигарета како последна желба пред стрелање“. Уште повеќе, изразот „Рајлиева лула, цигарета или разговор“ е последниот разговор, кога ви соопштуваат дека сте избркани од функција, сменети, отстранети од партиско раководство и сл.
Друга „трка по приказна“ била спрема изразот „Кемпбелова лула“ или „Љубовна лула“, што се однесува на љубовта и пријателството. Ако испушите последна цигарета или лула или само водите „Кемпбелов разговор“, значи дека некој ви раскинува брак, љубовна врска или пријателство. Барана е и најдена во Холандија (Утрехт).
Така било и со книгата „Табакологиа“ од Јоханес Неандер (прва научна книга за тутунот од 1626 година) и со бурмутницата од дворот на Катарина II Медичијанката и со табакерите од Тула во Русија, кои никогаш не го пронашле својот порачател (заради Октомвриската револуција) и со чибукот „Проклетството на племето Темне“ и со првата ролерка за цигарети „Октогон“ и со првите кибрити на светот, табакерата на Мекензен, пепелникот „Софиските трудбенички“, Кримската лула од преговорите помеѓу Турција и Русија, табакерите и торбичките од Матхаузен, кутиите за цигарети од инвазијата во Нормандија (II Св. Војна) и многу други.
Музејот за тутун во Прилеп е единствен музеј на Балканот кој покрива проблемско поле, кое ниту еден друг музеј не го третира: Тутунот и сите негови манифестации и се она каде тутунот е мотив и инспирација. Тој се состои од Збирка за уживање тутун и пирогени, Индустриска и Ликовна збирка (Уметничка збирка и Збирка на каширани фотографии).
Музејот брои над 4000 експонати, со 2200 инвентарни броеви, па со тоа е еден од најголемите тутунски музеи во светот. Раритетноста и екстравагантноста на експонатите, како и експонатите од познати иматели, го поставуваат овој музеј во неколкуте највредни.
Музејот е отворен во 1973 година, по повод 100 годишнината од организираното тутунопроизводство во Прилеп и 400 години откако тутунот за прв пат е засаден во прилепско.
Постојаната поставка на Музејот е сместена во современа и сигурносно обезбедена сала од 250 М2 во 24 витрини и има и површини за изложување уметнички дела, како што се многу ретките графики.