Прилепски победнички маски од „Прочка“ настапуваат на карневалот во Будва
Во Будва се одржува 23. Меѓународен карневал, кој годинава привлекува околу 16.000 туристи и носи богата програма исполнета со музика, танц и карневалска еуфорија под слоганот „Карневал во срцето“.
Организаторите – Туристичката организација на општина Будва, Општина Будва и НВО „Фештаџуни“ – најавуваат дека градот живее во вистинска празнична атмосфера, а улиците на Стар град се претвораат во сцена на која настапуваат изведувачи од целиот свет.
Особено внимание годинава привлекува учеството на дел од победничките маски од карневалот „Прочка“, кои ќе настапат во рамки на програмата во Будва, носејќи дел од македонската карневалска традиција на оваа голема меѓународна сцена.
Карневалските активности започнаа со „Абрм“ долж будванската ривиера, каде весели поворки од Фештаџуни, бразилски танчерки, тапанари и музичари ги посетија Петровац, Рафаиловиќи, Пржно, Бечиќи и Свети Стефан, поканувајќи ги жителите и туристите да се приклучат на забавата.
Програмата продолжува вечерва во Стариот град со „Абрм“, улична гозба кај локалните угостители и богата музичка програма со трибјут бендови, како и настапи на изведувачи од различни земји.
Кулминацијата на карневалот ќе биде големата поворка на 2 мај, како и детската карневалска поворка на 3 мај, со што Будва уште еднаш се потврдува како еден од најважните карневалски центри на Јадранот.



