Моника Талеска: „Доколку се загрози хуманиот аспект, истражувањето ја губи својата суштина“
Во организација на Друштвото за наука и уметност – Прилеп, во просториите на Градска библиотека „Борка Талески“ се одржа предавање на тема „Етиката на современиот истражувач во научните истражувања“, на кое предавач беше магистар Моника Талеска.
Во своето излагање, м-р Талеска потенцираше дека во услови на глобализација, интернет и масовно пласирање информации и дезинформации, етиката во научно-истражувачкиот процес не е само актуелна, туку суштинска тема.
„Живееме во време кога расте бројот на магистри, доктори на науки и академски кадар, а паралелно со тоа растат и очекувањата и притисоците за поголем број научни истражувања. Тој притисок директно го допира академскиот интегритет, транспарентноста, хуманоста и одговорноста на истражувачот“, истакна Талеска.
Таа направи и историски осврт на развојот на етичките стандарди, нагласувајќи дека поимот етика потекнува уште од античката филозофија, но како формализиран систем во науката особено се развива по Втората светска војна. Како пресвртница го посочи Нирнбершки кодекс, донесен по судските процеси против лекари обвинети за злоупотреби во концентрационите логори, а понатаму и Декларација од Хелсинки и Белмонт извештај, кои ги утврдуваат клучните принципи за заштита на човековото достоинство во истражувањата.
Осврнувајќи се на состојбите во државата, Талеска посочи дека најголем дел од универзитетите имаат етички кодекси, но тие често се фокусирани на односот студент–професор, додека недоволно внимание се посветува на етичките стандарди во самиот научно-истражувачки процес.
„Неопходен е етички кодекс кој ќе биде конкретно насочен кон научните истражувања – со јасно дефинирани принципи како информирана согласност, заштита на ранливи групи, избегнување конфликт на интереси, недискриминација и забрана за експлоатација“, нагласи таа.
Посебно беше истакнат принципот на информирана согласност, според кој секое лице вклучено во истражување мора да биде целосно информирано за целите, методите и можните последици, и доброволно да даде согласност за учество.
„Доколку се загрози хуманиот аспект, истражувањето ја губи својата суштина“, потенцираше Талеска.
Во рамки на предавањето беше отворено и прашањето за плагијатот, фалсификувањето и фабрикувањето податоци, како и за неправилното цитирање. Таа истакна дека почитувањето на претходниот научен труд и правилното референцирање се основа на академската чест, додавајќи дека иако постојат современи дигитални алатки кои го олеснуваат процесот на цитирање, етичката одговорност останува лична и неприкосновена.
Настанот заврши со порака дека сензибилизацијата на јавноста и академската заедница е клучна за спречување злоупотреби и за зајакнување на довербата во науката.



