|

Македонско злато во Мариово – вистина или легенда !?

Длабоко во срцето на Македонија, под слоеви земја, историја и мистерија, со децении кружат преданија за закопано злато — од Мариово до Делчево, од Велес до Катланово. Дали некој навистина го нашол? И ако го нашол — зошто молчи?

Во селата крај Црна Река, пред камини и под сенките на стари мостови, старците раскажуваат приказна за Отоманското злато. Според легендата, при пропаѓањето на Османлиската империја, од Отоманската банка во Битола биле извлечени околу 1200 килограми злато во шипки, со цел да бидат пренесени преку Лерин за Цариград. Но, поворката со злато никогаш не стигнала.

Кај Расимбеговиот мост во Мариово, аскерот бил предаден од својот водач. Маските и војниците биле убиени, а златото — длабоко закопано во мариовската земја. Од таа точка, митот само се разгранува.

Според други раскажувања, двата главни ограбувачи ја направиле картата до богатството. Едниот заминал за Турција, другиот за Швајцарија, со план еден ден да се вратат и мирно да си го земат пленот. Но времето минувало, картата исчезнала, а златото — никогаш не било пронајдено. Барем не јавно.

И не е само Мариово. Во Велешко, според упорни трагачи, се зборува за закопано злато од дури 220 тони. Во Делчевско — 30 тони. Во Катланово, Радовишко, Струмичко… Мапата на македонските богатства е обемна како народната фантазија. А таму каде што има фантазија, често има и вистина.

Многу од овие богатства, велат старите, биле криви за големи судбини. Во обид да се заштитат, околу богатствата се поставувале отровни печурки — халуциногени, опасни по живот. Во црквите, според преданијата, комитите го криле златото под олтарот, под масата за причестување.

„И да го најде некој — нема да каже!“ — Тоа е реченицата што се повторува во секоја приказна, во секое село. Страв од државата? Од клетвата? Или едноставно – тајната вреди повеќе од самото злато?

Во држава полна со историја, премрежија и борба за опстанок, можеби не е ни чудно што златото секогаш „се крие“ под површината. Прашањето е: колку од ова е легенда, а колку вистина? И кој ќе биде првиот што ќе го докаже тоа?

Слични Објави