МВР распиша оглас за прием на 150 нови полицајци



Министерството за внатрешни работи објави јавен оглас за прием на 150 униформирани полициски службеници, кои ќе бидат распоредени во Секторот за внатрешни работи Скопје.

Заинтересираните кандидати треба да имаат завршено четиригодишно средно образование, да се државјани на Република Северна Македонија и да не бидат постари од 25 години. Потребна е и добра физичка подготвеност и висина од најмалку 170 см за мажи и 160 см за жени. Кандидатите не смеат да бидат членови на политичка партија.

Селекцијата ќе се спроведе низ неколку фази: административна проверка, физички тестови, психолошко и писмено тестирање, интервју, безбедносна проверка и здравствени прегледи.

Пријавувањето се врши лично во секторите за внатрешни работи низ државата, а рокот за аплицирање е 15 дена од денот по објавувањето на огласот.

Избраните кандидати ќе поминат едногодишна обука во Центарот за обука на МВР, по што следи вработување како полицаец-приправник со обврска за останување во службата најмалку пет години.

За повеќе информации, кандидатите може да се обратат во најблиската полициска станица или на официјалната веб-страница на МВР.

Слични Објави