| |

Зелените површини жртвувани, приватните интереси го диктираат урбанизмот – 22 од 34 градски општини не ги исполнуваат стандардите (ДЗР)

Државниот завод за ревизија во најновиот извештај алармира дека урбанистичкото планирање на зелената инфраструктура во Македонија е неефикасно и недоволно координирано. Според наодите, 22 од 34 општини со седиште во град не го исполнуваат препорачаниот стандард за минимум 25 м² зеленило по жител, а ситуацијата укажува на системски недостатоци кои се провлекуваат со години.

Извештајот под наслов „Урбанистичко планирање на зелената инфраструктура во градовите“ истражува дали мерките и политиките на централната и локалната власт овозможуваат ефикасно планирање и управување со урбаното зеленило. Заклучокот е јасен: државата нема функционален систем за зелена инфраструктура, а постоечките механизми се нефункционални, фрагментирани и честопати нефокусирани на јавниот интерес.

Масовната урбанизација без соодветно планирање резултира со намалување на јавните зелени површини, посебно во централните градски подрачја, каде што нови објекти никнуваат по секоја цена, често на сметка на паркови, дрвореди и други зелени зони.

Дополнително, долгите и комплицирани административни постапки за носење на урбанистички планови, често траат и по 3 до 4 години, иако законскиот рок е ограничен на 18 месеци. Во системот е-урбанизам, од 2020 до 2024 година, 77% од постапките за донесување на детални урбанистички планови не се завршени. Потребата за согласности од 22 до 30 институции придонесува кон доцнења и хаос во планирањето.


Од сите анализирани општини, само две – Град Скопје и Охрид – имаат донесено стратегии за развој на зелената инфраструктура. Само три општини (Скопје, Кавадарци и Охрид) имаат Зелен катастар во ГИС формат, што е основа за современо управување со зелените површини.

Истовремено, 18 градски општини не ја исполниле законската обврска за донесување годишни програми за подигање и одржување на зеленило, со што во пракса изостануваат долгорочна визија, цели и индикатори за следење на состојбата на зелената инфраструктура на локално ниво.

Според Законот за урбано зеленило (член 19), секој град треба да обезбеди најмалку 25 м² зеленило по жител, но анализите покажуваат дека ниедна од 34-те градски општини не го исполнува тој стандард. Иако во некои ГУП-ови се предвидуваат зелени зони, во реалноста тие остануваат само како дел од урбанистичката документација, без конкретна реализација.

На пример, иако ГУП на Штип предвидува 16,9% зелена површина, преку ЈКП „Исар“ се одржуваат само 8,97 хектари, што претставува само 0,39% од вкупната површина опфатена со планот. Во Тетово, ГУП-от е стар од 2003-2013 и предвидува 12,4% зелени површини, но градот воопшто нема централен градски парк.

Финансирањето на урбанистичките планови во периодот 2020–2024 година се врши на нетранспарентен начин, без јавен повик, критериуми или комисија. Често, плановите се финансираат од заинтересирани правни и физички лица, што доведува до преовладување на приватниот над јавниот интерес. Според ревизијата, 48% од средствата во годишните програми на општините потекнуваат од приватни извори.

Исто така, 80% од општините немаат донесено одлуки за наплата на надоместок за одржување на зелени површини, а 59% не одвоиле ниту денар за нови зелени површини во последните четири години.

Уште еден сериозен проблем е непостоењето на ефективна координација меѓу институциите, каде паралелно се водат два различни информациски системи, без целосна размена на податоци преку Националната инфраструктура за просторни податоци.

Просторниот план на државата, како врвен стратешки документ, доцни повеќе од четири години, а во меѓувреме не се изработуваат годишни извештаи за степенот на спроведување на планот, или се изработуваат со нецелосни и неажурирани податоци.

Централната и локалната власт не воспоставиле функционален мониторинг систем, ниту се применуваат казнени мерки кон прекршителите. Глобите се ниски, ретко се изрекуваат, а инспекцискиот надзор на Министерството за животна средина речиси целосно изостанува.

Државниот завод за ревизија во извештајот предлага низа конкретни мерки за подобрување на состојбата:

  • Ажурирање и итно донесување на Просторниот план на државата;
  • Прецизно дефинирање на надлежностите на институциите;
  • Донесување стратегии и годишни програми за урбано зеленило во сите општини;
  • Транспарентен процес за финансирање на урбанистички планови;
  • Активно вклучување на граѓаните во јавните расправи;
  • Зајакнување на надзорните механизми и санкционирање на прекршителите.

Во време на климатски предизвици, урбаното зеленило не треба да биде маргина на урбанистичките планови, туку основен приоритет во креирањето на здраво и одржливо урбано живеење. Без итни системски интервенции и координирано делување на сите нивоа на власт, градовите ќе продолжат да се гушат во бетон, а граѓаните ќе останат без елементарен пристап до чист воздух, сенка и здрав животен простор.

Линк до Конечен ревизорски извештај

Слични Објави