|

Во Прилеп одбележан Денот на бакалите, Свети Три Светители 

Денес  во Прилеп во храмот „Св. Благовештение“ беше одбележан празникот Светите Три Светители (Јован Златоуст, Василиј Велики и Григориј Богослов), познат уште како „Денот на Бакалите“. Владиката Петар чиноначалствуваше со литургијата.

Бакалите, односно трговците и дуќанџиите од Прилеп велат дека овој ден се празнува уште од 1954 година и претставува традиција на прилепскиот еснаф којашто верно ја одржуваат низ годините.

Светителите Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст имаат секој свој посебен ден на празнување во месецот јануари. Но, овој заеднички празник е востановен во 11 век за време на царот Алексиј Комнен. Еднаш однекаде настана расправа меѓу народот околу тоа кој од овие тројца светители е најголем. Едни го величаа светиот Василиј заради неговата чистота и храброст, други светиот Григориј за недостижната длабочина и висина на умот во богословието; трети воздивнуваа по светиот Јован, заради неговата чудесна благоглаголивост и јасност во изложувањето на верата. И така едни се нарекуваа василијани, други григоријани, а трети јованити. По Божја Промисла овој спор беше решен во корист на Црквата и на уште поголема слава на овие тројца светители. Евхаитскиот епископ Јован (под 14 јуни) имаше едно видение во сон, имено: прво му се јави секој од овие светители во голема слава и неискажлива чудесност, а потоа сите тројца заедно. Тогаш му рекоа: „Ние сме едно во Бога, како што гледаш, и кај нас нема ништо противречно… ниту има меѓу нас некој кој е прв или втор“. Светителите го посоветуваа епископот да им напише една заедничка служба и да им се одреди еден заеднички ден за празнување. Со ова прекрасно видение спорот се реши на тој начин што 30 јануари се одреди како заеднички празник за тројцата свети архијереи.

Слични Објави