Наместо зад решетки, со алка на ногата – Првиот осуденик под електронски надзор во земјава
79-годишен жител на Велес ќе биде првото лице во Македонија кое ќе ја издржува затворската казна со електронска алка на ногата. Тој е осуден на три месеци куќен затвор за кривично дело полово вознемирување, согласно член 190-а став 2 од Кривичниот законик, објави ТВ Стар.
Од Управата за извршување санкции велат дека пресудата е донесена од Велешкиот суд, а барањето на осудениот за одложување на извршувањето било одбиено. Откако пробациски службеник ќе подготви индивидуална програма, кај осудениот ќе биде поставена опремата за електронски надзор.
Ова е прв случај на практична примена на електронските алки во земјава, кои беа најавени во мај годинава од директорот на Управата, Александар Пандов. Воведувањето на алките има за цел да го намали притисокот врз затворите, имајќи предвид дека во државата моментално има околу 2.300 затвореници и 400 притвореници, а дел од установите работат со над 100 проценти исполнетост.
Законот дозволува користење на електронски алки кај три категории осуденици – постари и изнемоштени лица, бремени жени и мајки со мали деца, како и лица со тешки болести или инвалидитет.
Системот за електронски надзор функционира така што одделението при Управата постојано следи дали осуденикот го напушта дозволениот периметар или ја нарушува опремата. Во случај на аларм, лицето веднаш се контактира, а доколку не одговори, се известува полицијата.
Според директорот Пандов, освен што ќе се растеретат затворите, воведувањето на алките ќе има и финансиски ефект. „Државата троши над 2.000 денари дневно за еден затвореник, додека електронските алки претставуваат поевтино и поефикасно решение“, изјави тој.



