Втор уписен рок за средношколци со над 16.000 слободни места
Учениците кои не успеаја да се запишат во првиот уписен рок ќе имаат нова можност да аплицираат за средно образование на 30 јуни 2025 година, кога ќе се одвива второто електронско пријавување.
Како што информира Министерството за образование и наука, потребната документација ќе се доставува до училиштата на 1 јули, додека ранг-листата на запишаните ученици ќе биде објавена на 2 јули, најдоцна до 12:00 часот, на јавно место во училиштето и/или на веб-страница.
Во случаите каде што е потребно, квалификациско тестирање ќе се организира на 4 јули, а конечните ранг-листи со резултатите ќе се објават истиот ден на огласната табла во училиштето.
Според податоците на Министерството, во вториот уписен рок остануваат слободни 16.034 места, од кои:
- 10.758 за настава на македонски јазик,
- 4.781 за настава на албански јазик,
- 474 на турски јазик,
- и 21 место за српски наставен јазик.
По тип на образование, слободни се:
- 3.727 места во гимназии,
- и 12.307 места во стручни училишта.
Во првиот уписен рок, во соопштението од Министерството кој се одржа од 14 до 17 јуни, се пријавиле 16.601 ученици, од кои се запишале 13.712. Најголем дел се запишани на македонски наставен јазик – 10.172, потоа 3.248 на албански, 279 на турски, и 13 ученици на српски јазик.
Како и претходните години, интересот за стручно образование е значително поголем. Од запишаните ученици во првиот рок, 9.469 избрале стручно училиште, а 4.243 се запишале во гимназии.



