Индекс на отворени општини за 2022 година – Општина Битола е најтранспарентна општина
Според истражувањето на ЗМАИ за Индексот на отворени општини , Општина Битола е најтранспарентна општина со – 77.8, и е единствена општина од Пелагонискиот плански регион кои мораат да имаат барем 61 за да имаат задоволително ниво на отвореност.
Индексот претставува сеопфатен индикатор кој го следи и оценува процесот на буџетирање на една општина за една фискална година во скала од 0 до 100.
Извештај ја прикажува состојбата на отвореноста на општините во Република Северна Македонија преку ИОО за 2022 година. Резултатите покажуваат дека просечната вредност на ИОО за 2022 година е 35,2.
Од друга страна, поставените стандарди за отвореност покажуваат дека општината мора да има индекс од барем 61 за да има задоволително ниво на отвореност. Вкупно осум општини (Битола – 77.8, Валандово – 75.1, Крива Паланка – 75.0, Делчево – 70.6, Центар – 66.2, Струмица – 65.6, Богданци – 65.6 и Берово – 61.7) имаат задоволително ниво на отвореност. Вкупно 13 општини имаат доволна отвореност на буџетскиот процес (вредност на ИОО меѓу 41 и 60).
Најголем број од општините по бројност се општините со минимална отвореност (вкупно 49) на буџетскиот процес (вредност на ИОО меѓу 21 и 40). Недоволно ниво на отвореност имаат дури 11 општини. Сето ова посочува дека најголемиот дел од општините имаат минимална отвореност на општинските буџети кон граѓаните во 2022.
На што се должи ниската транспарентност на буџетскиот процес на општините во МКД?
– Доколку се разгледаат подетално одговорите на прашањата може да се забележи дека огромен број од општините немаат споделено важни документи со јавноста. Конкретно 59% од општините немаат Предлог план на програми за развој за фискалната 2022 година, иако тој е баран во Буџетскиот календар.
Овој резултат може да се должи на фактот дека повеќе од една третина од општините немаат донесено Буџетски календар за 2022 година, иако тој е законски баран. Доколку општините немаат Буџетски календар, мала е шансата да донесат Предлог план на програми за развој. Исто така, 10% од општините го немаат донесено Буџетот во законски предвидениот рок, а дури 85% не го издаваат буџетот во отворен формат и немаат инлајн верзија на
граѓанскиот буџет. Огромен број од општините немаат онлајн верзија на ребалансот на буџетот (37%) и Граѓанскиот буџет (85%), ниту користат социјални мрежи за информирање за буџетот (61%).
Акцентот на процесите на локалниот буџет е претставен преку три области:
Транспарентност – го мери/испитува степенот до кој е познат на јавноста буџетскиот процес, од подготовка, преку усвојување, до спроведување. Вклучување и правичност – вклучувањето испитува како и колку граѓаните, особено маргинализираните групи, се вклучени во буџетскиот процес, т.е. ако се во можност да го изразат своето мислење за локалниот буџет и дали се зема впредвид нивниот глас. Еднаквоста испитува како се застапени маргинализираните групи во различните фази на буџетскиот процес .Отчетност – го оценува прикажувањето на резултатите од работата на локалните власти и на целиот буџетски процес пред граѓаните.
Целосниот извештај за Индексот на отворени општини за 2022 може да се најде на следниот линк.