Граѓански организации бараат повлекување на противуставните измени на Изборниот законик



Девет граѓански организации и иницијативи денеска повторно побараа повлекување на измените на Изборниот законик, оценувајќи ги како противуставни и спротивни на одлуката на Уставниот суд. Тие апелираат за нови измени што ќе овозможат фер услови за независните кандидати на локалните избори во октомври.

Организациите, меѓу кои Зелен Хуман Град, Шанса за Центар, Стига е – Струмица, Поинаку – Битола и други, бараат:

  • Намалување на бројот на потписи за независни листи (од 20 до 100, односно 200 за Скопје),
  • Можност за собирање потписи на терен,
  • Подолг рок за собирање потписи (30 дена),
  • Целосно име на независните листи на гласачкото ливче,
  • Ждрепка за редоследот на кандидатите,
  • Подобри услови за медиумски простор и финансирање на кампањи.

Бараат и јавна расправа со учество на сите засегнати страни, вклучително и независните кандидати, Министерството за правда и претседателката Сиљановска-Давкова.

„Ако овој пратенички состав не овозможи фер услови за независните, ќе биде првиот што институционално ќе избрише уставно загарантирани граѓански права“, предупредуваат од организациите.

Тие потсетуваат дека независните кандидати се потврдија како четврта сила на последните локални избори, добивајќи поддршка без уцени и притисоци – што, според нив, е причината зошто партиите се обидуваат да ги елиминираат од политичката сцена.

„Македонија не е ничија приватна партиска сопственост. Ќе учествуваме на избори и покрај обидите за монопол врз демократијата“, порачуваат од иницијативите.

Слични Објави