Дневен центар „Ѕуница“ со активности за поддршка на децата и лицата со попреченост
Во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3-ти декември, како и 20 ноември Светски ден на детето, продолжуваат активностите во Дневниот центар Ѕуница. Овие два значајни датума се посветени на подигнување на свеста за правата, потребите и важноста на инклузијата на децата и лицата со попреченост во нашето општество.
Дневниот центар Ѕуница, кој секојдневно се грижи за благосостојбата на децата и лицата со попреченост, организира низ активности и настани кои имаат за цел да ги вклучат овие лица во општествениот живот и да им обезбедат поддршка во развојот на нивните способности и вештини. Активностите кои се одржуваат во оваа прилика вклучуваат творечки работилници, едукативни програми и други форми на социјално вклучување.
Од големо значење за успешната реализација на овие активности е несебичната поддршка на локалната заедница. Во оваа смисла, благодарност им се изразува на СОУ „Орде Чопела“, чии ученици активно се вклучуваат во организацијата на настаните и помагаат во реализирањето на програмите за поддршка на лицата со попреченост. Дополнително, благодарност се упатува и на музичкиот бенд Библиотека, кој со својот настап го збогатува денешниот ден, како и на Здружението за развој и едукација, кои постојано работат на унапредување на образованието и едукацијата на децата со попреченост.
„Сите овие активности имаат за цел да создадат инклузивно општество во кое сите деца и лица со попреченост ќе бидат рамноправно третирани и ќе имаат еднакви можности за развој. Поддршката од нашите партнери е од клучна важност и без неа, овие активности не би биле можни“, изјавија од Дневниот центар Ѕуница.
Овие активности, како и прославата на овие денови, се само дел од напорите на Дневниот центар Ѕуница за создавање поддршка и позитивни промени во животот на лицата со попреченост. Се очекува во текот на следните денови да продолжат и нови едукативни и инклузивни настани кои ќе се фокусираат на креирање на подобри услови за сите.
Фото – Дневен центар Ѕуница