Драстичен пад на бројот на првачиња во Битола – запишани 219 помалку од лани
Во битолските основни училишта за учебната 2025/2026 година досега се запишани 548 првачиња – 219 помалку од лани, кога до октомври нивниот број достигна 767, информираат од Општина Битола.
Иако дел од децата се запишуваат и на почетокот на септември, трендот на опаѓање е очигледен. Во споредба со 2013 година, кога имало 863 првоодделенци, годинава се забележува пад од над 300 ученици.
Најмал број првачиња се запишани во руралните училишта, како и во некои централни: само 10 ученици во с. Кукуречани, 24 во „Кирил и Методиј“, и по 30 во „Ѓорѓи Сугарев“ и „Крсте П. Мисиров“. Најмногу деца ќе има во „Климент Охридски“ (94) и „Елпида Караманди“ (65).
Општината продолжува со финансиска поддршка од 3.000 денари за секое прваче, но бројките ја отсликуваат реалноста – иселувањето ја празни Битола. Во 2023 година училиштата броеле 7.477 ученици, што е за 112 помалку од пред една деценија.
Советот на Општина и понатаму дозволува формирање паралелки под законскиот минимум (24 ученици), па во центарот на градот има и паралелки со 8 или 10 деца.