„Вози безбедно – стигни сигурно“: СВР Битола со превентивна кампања за безбедно возење во зимски услови
СВР Битола, во соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и станиците за технички преглед, ја стартуваше превентивно-едукативната кампања „Вози безбедно – стигни сигурно“. Полициските службеници од СВР Битола и ОВР Прилеп денес спроведоа активности на неколку локации во Битола и Прилеп, како и на излезите од двата града, каде им делеа информативни летоци на возачите.
Во Прилеп, акцијата беше надополнета со бесплатна проверка на длабочината и состојбата на гумите, овозможена од локална станица за технички преглед.
Со одбројувањето до зимските услови на патиштата, кампањата има за цел да ги потсети сите возачи дека од 15 ноември до 15 март е задолжително поседувањето и носењето зимска опрема во возилата.
Што подразбира пропишана зимска опрема?
За моторни возила до 3.500 килограми:
- зимски пневматици со минимална длабочина на шара од 4 мм на сите четири тркала, или
- летни пневматици со минимална длабочина на шара од 4 мм, во комбинација со синџири за снег за погонските тркала.
За возила со погон на сите четири тркала (4×4):
- зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шара од 6 мм, или
- летни пневматици со минимална длабочина од 4 мм и синџири за снег.
Зошто е важна зимската опрема?
Зимските услови создаваат дополнителни ризици: лизгави коловози, магла, подолг пат на сопирање, потешко управување и зголемен замор кај возачите. Токму затоа, СВР Битола апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат следниве препораки:
- следете ги информациите за временските и патните услови;
- прилагодете ја брзината според состојбата на коловозот;
- почитувајте ги сообраќајните правила и сигнализацијата;
- носете и користете ја зимската опрема;
- редовно проверувајте ја исправноста на возилото;
- одржувајте безбедно растојание;
- избегнувајте нагли движења и сопирања.
Од СВР Битола порачуваат: безбедноста на патиштата е заедничка обврска, а само со одговорно однесување може да се намалат ризиците и да се обезбеди побезбеден сообраќај за сите.



