Денеска ја славиме Света Петка во народот е познат и како Петковден

На 27-ми oктомври традиционално верниците од цела Македонија го слават денот посветен на Света Петка, што во народот е познат и како Петковден. Се верува дека оваа светица е заштитничка на луѓето, ги чува од суша, поплави, неплодност, громови и од многу други несреќи.



Света Петка е една од најпочитуваните светици не само меѓу православните христијани, туку и меѓу припадниците на сите други вери. Таа е особено позната како заштитничка на жените, сиромашните и болните. Оваа светица носела неопислива сила во себе што ја пренесувала на сите други луѓе, и продолжила да го прави тоа дури и по нејзиното упокојување.

Се верува дека таа имала дар на исцелување и пророштво, поради што стекнала голема почит меѓу христијанскиот народ.

Света Петка се смета за заштитничка на жените, болните, сиромашните… Луѓето веруваат во нејзините чудотворни моќи и се надеваат на лекување и духовно просветлување преку нејзиното посредништво.

Празникот Света Петка повеќе го празнуваат жените, а речиси секој град во Македонија има свои адети и обичаи што се врзуваат за овој празник.

Три светици со исто име, се празнуваат на различни денови

Христијаните слават три светици со истото име, првата е преподобната маченица Параскева Римјанка, која се празнува на 8-ми август, втората е Света Параскева од Иконија, Мала Азија, која се празнува на 10-ти ноември, а на 27-ми октомври се слави Свети Петка Епиватска или Трновска, што воедно е и најпозната од сите три светици.

Оттука, иако голем број манастири го носат името Света Петка, секој од нив е посветен на некоја од трите светици, па затоа и манастирската слава им е на различен ден.

Денешниот ден (27. 10) кај народот уште е познат и како Петковден, или како Црна Света Петка, бидејќи на иконите светицата секогаш била облечена во црно, а е посветен на Свети Петка Епиватска.

Како се раширил култот кон Света Петка и зошто се верува дека е чудотворка?

Света Петка Епиватска била родена во Епиват, кон крајот на X век, во петок кога Евреите се подготвуваат за празнување на денот Сабат (сабота), па затоа го носи името Параскева, што во превод значи подготовка.

Родителите ѝ биле богати христијани од словенско потекло, а освен Петка имале и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонашил и потоа станал епископ Малитски.

По смртта на родителите, девицата Петка, го напуштила родителскиот дом и отишла прво во Цариград, а потоа во јорданската пустина, каде што останала сѐ до својата старост и живеела искушенички живот, со молитви, пост и плач.

Пред смртта ангелот божји ѝ се јавил и ѝ рекол да се врати во родното место и да ја напушти пустината. Петка се вратила во родното место, каде живеела 2 години, по што починала во XI век, но бидејќи жителите на местото не ја познавале, тие ја погребале надвор од градот како туѓинка.

Неколку години подоцна, кога во градот требало да се погреба телото на некој непознат давеник, жителите го погребале веднаш до телото на светицата.

Првиот момент што навестил дека станува збор за чудотворка, бил во тоа што кога го отвориле гробот, работниците биле изненадени од тоа што нејзиното тело не е распаднато.

Ноќта, по погребот на давеникот, на еден од работниците што го извршувале погребот Георгиј, му се сонила царица која го прашала зошто така го омаловажиле нејзиното тело и до неа ставиле смрдлив труп, па побарала веднаш да ги извадат нејзините мошти и да ги пренесат на друго место.

Затоа и до ден денешен се верува дека Петка се јавува на сон за да даде утеха или предупредување.

По ова моштите биле пренесени во црквата на Светите апостоли Петар и Павле во Епиват, а оттаму повеќепати било пренесувани од едно место на друго: Во Трново (Бугарија, заради што ја нарекуваат и Трновска), потоа во Влашко, па во Белград, и Цариград, за на крај да бидат пренесени во градот Јаш во Романија, каде се изложени и денес и голем број верници доаѓаат да се поклонат пред моштите за кои се верува дека не се распаѓаат.

Сето ова придонело култот кон Света Петка да биде длабоко раширен на Балканот, па таа се слави и во Бугарија, Грција, Србија, Романија, а Молдавија ја смета за сопствена заштитничка.

Петолебие или денот кога во црква се носат пет леба

Култот кон оваа светица е многу раширен и кај нашиот народ, голем број лековити извори во нашата земја го носат нејзиното име, а уште се нарекуваат и петочни води и се верува дека тие се лековити и можат да ги излекуваат и тешко болните.

Во голем број градови на денешен ден верниците носат во црквите леб, пченица и вино, а еден од позастарените обичаи е т.н. „петолебие“, кога верниците носат пет лепчиња во црквата, во спомен на настанот од Библијата, кога Исус Христос со пет леба нахранил 5.000 луѓе.

Лебовите се осветуваат, по што еден му се враќа на верникот, а другите 4 остануваат во црквата.

Во спомен на маченицата и чудотворка Преподобната Параскева Петка Трновска, светата православна црква го востановила празникот што се празнува секоја година на 27 октомври и што во народот е познат како Петковден. Во народот Петковден се смета за почеток на зимските празници што следуваат и што се проследени со домашни служби како што се Митровден, св. Ѓорѓија, Аранѓел, св. Никола и др.

Слични Објави