Црвениот крст доби мобилно оперативно возило донација од Амбасадата на САД
Црвениот крст на Република Македонија денеска ја прими донацијата од Амбасадата на САД – мобилно оперативно возило, кое ќе служи како комуникациски мобилен центар за управување со кризни состојби.
Според претставниците на организацијата, возилото ќе овозможи побрзи и поефикасни одлуки на терен, подобра координација со сите институции вклучени во системот за кризен менаџмент, како и со мобилните тимови. Опремено е со најсовремена комуникациска технологија, вклучувајќи тетра радио станици, дрон со термална камера, сателитски интернет и автономно струјно напојување.
Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, истакна дека ова возило значително ќе ги подобри оперативните капацитети на организацијата и нејзината соработка со институциите.
„Ќе овозможи побрзи одлуки на терен, подобра комуникација и координација со оперативните центри во државата. Дополнително, ќе придонесе за соработка со регионалните платформи, како што е Икс Ток, која веќе две години се користи за размена на информации и ресурси во регионот“, изјави Саити.
Амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, нагласи дека подготовката е клучна во справувањето со кризи и изрази уверување дека новото возило значително ќе помогне во тој процес.
„Минатото лето, со пожарите, видовме колку е важно да се биде подготвен. Ова возило буквално ќе спасува животи и со нетрпение очекуваме да го видиме во акција“, изјави Агелер.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, истакна дека оваа донација значително ќе го зајакне системот за управување со кризи во земјава.
„Се надевам дека никогаш нема да мора да го користиме во реални кризни ситуации, но добро е што го имаме, бидејќи никогаш не знаеме кога може да се случи катастрофа“, порача Ангелов.