ООУ „Никола Карев“ одбележа патрон празник во чест на својот патрон – револуционерот Никола Карев
Со свечена програма, полагање свежо цвеќе пред споменикот и промоција на проектни активности, Основното општинско училиште „Никола Карев“ денес го одбележа својот патрон празник.
Настанот започна со оддавање почит на Никола Карев, еден од најзначајните македонски револуционери и претседател на славната Крушевска Република. Преку пригодна церемонија и положување цвеќе пред неговиот споменик, учениците, наставниците и раководството на училиштето се поклонија пред делото и визијата на својот патрон.
Овогодинешниот патронен празник се одбележа на малку поинаков начин, преку промоција на активностите од проектот „Промоција на безбедна училишна средина“, кој се реализира веќе втора година по ред во рамките на училиштето. Проектот има за цел да создаде безбедна, поттикнувачка и инклузивна средина за сите ученици и вработени, преку низа работилници, едукативни активности и соработка со родители и локалната заедница.
„Образованието е најмоќната алатка што ја имаме како општество. Само преку заедничка работа, несебичен труд и взаемна почит можеме да изградиме генерации кои ќе ги носат вредностите на слободата, правдата и знаењето,“ истакна директорот на училиштето во своето обраќање.
Училиштето со гордост продолжува да ја негува традицијата и духот на Никола Карев, вложувајќи во иднината на младите преку квалитетен воспитно-образовен процес.