|

БИТОЛЧАНИ ДА НЕ БЕРАТ ГАЈЛЕ, ГРАДБИ ЌЕ ИМА


Веќе се усвоени програмите за работа на општина Битола за 2025 годиина, па на дневен ред дојде и предлог буџетот, од каде што ќе се финансираат тие програми. И законот беше испочитуван и, покрај што беше доставен на разгледување на советниците, беше и јавно достапен на веб страната на Општина Битола, согласно законот, па кој сакаше, можеше да коментира, предлага, критикува… ако има такви, освен опозицијата, на која „тоа ѝ е работа“.
Општината додуша не кажа колку и какви предлози имало од граѓани и НВО – и, експертски организации, организации од областа на културата, деловниот сектор…. или едноставно, од граѓаните, дали е нешто усвоено, дали нешто такво ќе се реализира. Знаејќи ја ситуацијата и убедувањата на граѓаните, не веруваме дека сме се претргнале од предлози и критики, па повторно општината остана сама, каква што е ситуацијата во сите други општини во Македонија, како реалниот живот да не е наша граѓанска работа. Но што да се прави, „ми нисмо одавде“, а повеќето млади веќе навистина веќе не се одавде, туку се исселени.
Како и да е, Битола ќе има (историски гледано) најголем буџет до сега и ќе тежи околу 45 милиони евра (вкупен буџет), основниот буџет ќе изнесува под 22 милиони евра, а владата обезбедила малку повеќе од 3,5 милиони евра за општината за капитална инфраструктура, што општината го пофали, а експертите мислат дека владата дала премалку. Другите проекти за подобрување на јавните услуги, подготовката на проектна документација, подобрувањето на инфраструктурата (изградбата на улици, патишта, канализација, водовод…) ќе сѝ ги финансирала општината сама, а не е малку, затоа што се тоа повеќе од 12 милиони евра или 26,92% од вкупниот буџет (дури 55,23 % од основниот буџет).
Општината заеднички ќе настапи само за изградба на детска градинка, заедно со компанијата Кромберг и Шуберт, а за останатото ќе бара да помогнат неколку министерства. Не е наведено колку изнесува финансискиот дел на другите соработници на општината (ПСК Пелистер и ФФМ), со кои реализирале „заеднички проекти“.
Колкав ќе биде дефицитот на буџетот, скоро никого не го занима, од каде ќе се најдат тие пари – уште помалку!
Значајно е дека општината сериозно сѝ ја сфатила работата со урбанистичкото планирање , односно изготовката на проекти, за што се скоро сите општини критикувани во минатото (сакаат пари – немаат проекти и документација).
Капиталните проекти се или завршени или се изведуваат на терен и ќе продолжат во 2025 година, па градоначалникот Коњаноски педантно ги наброи, односно ги наброи сите проекти, со различна „тежина“ и чинење, од уредување на простор, до осветлување, велосипедски патеки, фотоволтаици, енергетска ефикасност, садење садници.
Градоначалникот не пропушти да ги спомене проектите, кои ги работи општината со странски партнери (УСАИД, ЕУ и УНОПС), иако не знаеме колку „тежат“ и колку се важни, во споредба со капиталните проекти на општината. Народот рекол „на подарен коњ, забите не му се гледаат“.
Малку разочарува што не видовме ниту еден планиран проект за стручно усовршување на администрацијата, за некаква форма на континуирана едукација, било на финансискиот сектор во општината, било на секторите за планирање или било кој ентитет во општината и/или телата и претпријатијата формирани од општината, а да не говориме за усовршување, подигање на капацитетот и лиценцирање на психолозите во основните и средните училишта, ниту за воспоставување на системи на континуирана едукација на било кој вид кадар во училиштата. Затоа, подобро да не говориме за слабиот образовен процес, булингот во училиштата, недостатокот на поддршка на психичкото здравје на децата, за да не ја реметиме идилата, а тоа се точно тие точки, најсилно влијаат врз исселувањето на младите.
Затоа, добрите аналитичари повеќе ги радува дека Битола полека станува велосипедски град, дека беше домаќин на Форумите за праведна транзиција, од каде произлезе „Визијата за Битола“, дека Општината е лидер во транспарентност и отвореност во државата, но и дека навистина пробува и прилично успева да ги подобри услугите на граѓаните преку електронски услуги. Ова не се „капитални инвестиции“, но вредат повеќе од сите владини пари, кои Битола ќе ги добие. Затоа и инсистираме постојано: Граѓани, учествувајте во работата на општината и предложете ваѓни проекти, кои не мора по секоја цена да бидат изградба).
Но, ајде, кога нѝ е на срце изградбата, а не функционирањето и јакнењето на човековиот капитал, што имаме да се буниме.
Во таа насока, во рубликата „многу важно – но небитно за граѓаните“, Битолчани подготвија документација за 16 инфраструктурни проекти и логично, ќе земат повеќе од 3,7 милиони евра од владата и нешто и сами ќе сѝ финансираат. Уште е побитно дека Битола има спремни проекти, со комплетна документација (повеќе од 50), па може да бара и дополнителни пари од владата во 2025 година.
Како и да се каже, „арни сте годинава“, ама потрудете се за в’година да посветите внимание на остручување на кадри во училиштата, да започнете и поддржите процес на позитивна селекција во училиштата и да го зајакнувате човечкиот капитал во општината. Резултатите ќе се мерат тогаш и во пари и во подобри планови и во подобрувања во сите сектори, поефикасно управување, но и во помалку исселувања.
Верувајте, единствениот капитал во кој треба да се вложува е човечкиот, иако „народот“ тоа нема да го разбере долго време, па партиите сѝ одат „по масите“, заради гласовите.

Слични Објави