|

БИТОЛСКАТА ПРОТИВПОЖАРНА ЕДИНИЦА ДОБИ НОВИ ВОЗИЛА

Територијалната противпожарна единица во Битола денеска доби нова современа опрема – теренско противпожарно возило (џип) со специјална надградба и противпожарна цистерна, со што значително се зајакнуваат капацитетите за справување со пожари, особено на тешко пристапни терени и во рурални средини.

Возилата се обезбедени во рамките на проектот „FIREFLY – Заедничка прекугранична иновативна заштита и превенција од шумски пожари“, кој има за цел да ја подобри подготвеноста и ефикасноста во справувањето со шумските пожари во прекуграничниот регион меѓу Северна Македонија и Грција.

На примопредавањето присуствуваа заменик-министерот за локална самоуправа Ерџан Селими, градоначалникот на Битола Тони Коњановски, директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион Јосиф Балтов и командирот на Територијалната противпожарна единица Христијан Тодоровски.

Градоначалникот Коњановски истакна дека вложувањето во противпожарната единица претставува вложување во безбедноста на целиот Пелагониски регион, нагласувајќи дека единицата покрај Битола ги покрива и општините Новаци и Могила, а често интервенира и во други делови од регионот.

„Последните години се соочуваме со сè почести екстремни временски услови, продолжени сушни периоди и зголемен ризик од шумски пожари. Новата опрема ќе овозможи побрза реакција и поефикасна заштита на граѓаните, природата и имотот“, рече Коњановски.

Проектот е финансиран преку Програмата за прекугранична соработка Грција – Северна Македонија 2021–2027, во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на Европската Унија.

Главната цел на проектот е превенција и поефикасно управување со шумските пожари, заштита на животната средина и зајакнување на екосистемите во прекуграничните области.

Партнери во проектот од македонска страна се Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион од Битола и Дирекцијата за заштита и спасување.

Слични Објави