Лукароска му честита на Проданоски, со надеж дека Прилеп ќе излезе од сивилото
Кандидатката за градоначалничка на Прилеп од СДСМ и колицијата, Петра Лукароска, денес преку фејсбук статус, му ја честита победата на Дејан Проданоски од ВМРО-ДПМНЕ и коалиција и се обрати до сите граѓани.
Почитувани членови на СДСМ,
Почитувани сограѓани,
По завршувањето на вчерашните избори за градоначалник и за членови на Советот на општина Прилеп, мнозинството граѓани ја дадоа својата доверба на Дејан Проданоски и на листата на советници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Во оваа прилика му го честитам изборот на Проданоски за нов градоначалник на општина Прилеп. Искрено се надевам дека ќе ги реализира ветените проекти и дека нашиот град конечно ќе излезе од сивилото во кое западна во изминатите четири години.
На новоизбраните советници им посакувам успех во нивната работа и носење одлуки што ќе значат подобар живот за сите прилепчани. Советничката група на СДСМ и коалицијата ќе биде гласот на граѓаните, конструктивна опозиција и одговорен коректор на локалната власт.
Жалам што овие избори имаа историски најниска излезност и што повеќе од половината граѓани не го искористија своето демократско право на избор. Но пораката што граѓаните ни ја испратија е јасна – треба искрено да погледнеме кон самите себе. Причините за слабиот резултат ќе ги бараме исклучиво во нашите редови, преку темелна анализа на нашето функционирање и пристап.
Им упатувам голема благодарност на сите наши членови и на граѓаните кои го дадоа својот глас за мене и за советничката листа на СДСМ и коалицијата, како и на сите кандидати и соработници за нивната посветеност, енергија и труд во текот на кампањата.
Поразите се дел од политичкото патување. Убедена сум дека од ова искуство ќе извлечеме важни поуки и дека СДСМ наскоро ќе се врати на победничките патеки.



