Андреј Смилевски со СРЕБРО се враќа од Атина во Прилеп

Викендов, од 22 до 25 јануари 2026 година, во Атина, Грција, се одржа Европскиот куп „Athens Challenge Tournament“, еден од најмасовните кик-бокс настани во Европа, со учество на повеќе од 2.500 натпреварувачи од бројни европски држави.



КБК „Ронин“ настапи со еден претставник – Андреј Смилевски, кој се натпреваруваше во категоријата LOW KICK до 63,5 килограми, во која беа пријавени седум борци. Смилевски оствари одличен настап и го освои второто место, носејќи сребрен медал за Прилеп и Македонија.

Во првата рунда од ждрепката, противникот од Израел не се појави во рингот, иако беше присутен во салата. Во полуфиналната борба, Смилевски доминираше и извојува победа со прекин во првата рунда (ТКО), по одлука на противничкиот тренер.

Во финалето, среде Атина, следеше македонска пресметка, во која нашиот натпреварувач, по борбен меч, беше поразен со 3:0 и го освои сребрениот медал.

Од клубот истакнуваат дека се горди на постигнатиот резултат и на напорната работа на нивните борци.

„Продолжуваме посветено да работиме, да создаваме здрави деца и здрава нација, и достојно да ги промовираме Прилеп и Македонија на меѓународната спортска сцена“, порачуваат од КБК „Ронин“.

Слични Објави