Прилеп ги награди заслужните поединци, институции и компании за нивниот придонес – Доделени наградите „3 Ноември“

Со свечена седница на Советот на Општина Прилеп, одржана во НУЦК „Марко Цепенков“, беше одбележан 3 Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп. Во рамките на свеченоста беа доделени традиционалните награди и признанија „3 Ноември“ на поединци, институции, организации и компании кои со својата работа и постигнувања оставиле значаен белег во општествениот живот на градот.

Централно место на свечената седница имаше доделувањето на општинските признанија, при што највисокото признание – Наградата за животно дело му беше врачена на Илија Димоски – Шаторо, првиот претседател на Општинското собрание на Прилеп во плуралистичкиот демократски период и првиот градоначалник на Прилеп во независна Македонија.

Плакети „3 Ноември“ добија Црковниот хор при црквата „Св. Петка“, за придонесот во духовниот и богослужбениот живот на храмот, Винарија „Сарика“, за афирмацијата на винската традиција и производството на автентични вина, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп, по повод значајниот јубилеј од 65 години постоење на Меморијалниот музеј „11 Октомври“, како и компанијата „Витаминка“, по повод 70-годишниот јубилеј и придонесот во стопанскиот развој.

Третоноемвриски дипломи им беа доделени на осуммина поединци кои оствариле значајни резултати во различни области.

Меѓу добитниците се Никола Здравески, за освоените златен и сребрен медал на Светската олимпијада по географија; Кирил Петрески, постхумно, за долгогодишниот придонес во македонскиот театар како драматург и режисер; Благица Чатлеска, наставничка по англиски јазик во ООУ „Гоце Делчев“, за нејзините достигнувања во образованието; Димитар Димитриоски, за спортските успеси и постигнувањата во ракометот; Стефче Стојковски, за придонесот во музичката уметност и афирмацијата на македонскиот фолклор; Матеј Белистојаноски, за меѓународните успеси и титулите светски и европски првак во карате; проф. д-р Антонио Јакимовски, за научниот придонес и достигнувањата во областа на археологијата, и Марјан Стојаноски, за творечкиот придонес во областа на ликовната уметност и скулптурата.

Обраќајќи им се на добитниците, градоначалникот Дејан Проданоски упати честитки, истакнувајќи дека нивните успеси не се само лична сатисфакција, туку и гордост за целиот град.

„Вашите успеси се ваша лична гордост, но и гордост на целиот Прилеп. Секој од вас, во својата област, покажува дека зад името на нашиот град стојат луѓе кои знаат, умеат, создаваат и постигнуваат резултати. Вашиот придонес е дел од вредностите што ги оставаме на идните генерации и пример дека со посветена работа може да се достигнат високи цели“, порача Проданоски.

Во рамките на одбележувањето, во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“, Државниот архив – Одделение Прилеп ја претстави изложбата „Прилеп по 1945 – Години на промени и развој“. Преку архивски документи и фотографии, посетителите имаа можност да се запознаат со повоениот развој на градот, општествените промени, неговата урбанизација и развојот низ годините.

Со свечената седница и доделувањето на признанијата беше заокружена и едномесечната културно-општествена програма „Приказна за градот херој“, која започна на 1 октомври и опфати повеќе од 60 настани од областа на историјата, културата, уметноста и спортот.

Програмата ги обедини трите значајни датуми во македонската историја и историјата на Прилеп – 11 Октомври, 23 Октомври и 3 Ноември, создавајќи заедничка приказна за историското наследство, националната слободарска традиција и современите достигнувања на градот.

Годинава посебен акцент беше ставен на одбележувањето на 85-годишнината од почетокот на Народноослободителната борба на македонскиот народ, настанот што започна со 11 Октомври 1941 година и кој има особено значење за Прилеп како град херој.

Со достоинствено одбележување на Денот на ослободувањето и со доделувањето на признанијата на заслужните прилепчани, уште еднаш беше истакната важноста на зачувувањето на историската меморија, вреднувањето на постигнатите резултати и поддршката на луѓето кои придонесуваат за развојот и афирмацијата на градот.

Со почит кон минатото, признание за успесите на сегашните генерации и одговорност кон иднината, Прилеп ја продолжува својата приказна како град на слободарски дух, богато културно наследство и успешни луѓе.

Слични Објави