АХВ ОТКРИ БАКТЕРИИ ВО УВЕЗЕНА ИЗВОРСКА ВОДА ОД КОСОВО – СПРОВЕДУВА ЗАСИЛЕНИ КОНТРОЛИ !!!
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведува засилен инспекциски надзор на увозот на изворска минерална вода и безалкохолни пијалаци од Косово, откако лабораториски анализи потврдија присуство на колиформни бактерии во една од увезените пратки.
Според АХВ, во примерок од природна изворска вода „Ругове“ (1,5 литар), наменета за операторот со храна „Даути Комерц“ од Скопје, биле детектирани колиформни бактерии што не се во согласност со домашните стандарди за безбедност на водата. Анализата била спроведена во Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, според акредитиран метод ISO/IEC/17025:2018.
Како резултат на овие наоди, АХВ нареди задолжителна проверка на сите идни пратки со изворска вода и безалкохолни пијалаци од Косово, независно од производителот. Секој увезен товар ќе биде подложен на лабораториска анализа за микробиолошка безбедност, во согласност со Правилникот за микробиолошки критериуми за храна.
„Засилениот инспекциски надзор ќе се однесува на сите увозни пратки со изворска вода и безалкохолни пијалаци од Косово, со задолжително земање на мостри за лабораториско испитување“, информираат од АХВ.
Останува да се види дали ова ќе влијае врз увозот на ваквите производи во земјава и дали ќе се преземат дополнителни мерки за заштита на здравјето на потрошувачите.