Лузни што зборуваат“ од Македонија до Белград
Книгата „Лузни што зборуваат“ на проф. Радица Таскова продолжува да го шири својот глас надвор од границите на Македонија. Примероци од книгата ќе отпатуваат во Белград, каде што делото добива свое издание на српски јазик под наслов „Ožiljci koji govore“.
Триесет и пет лузни. Триесет и пет приказни. Триесет и пет сведоштва за болката која долго молчела, а преку стихот добила свој глас.
„Лузни што зборуваат“ е книга посветена на жената, на нејзините тишини, стравови, трауми, но и на нејзината сила да преживее и повторно да проговори. Преку своите стихови, авторката отвора теми за кои често се молчи – насилството, стравот, достоинството, загубата и надежта.
Авторката проф. Радица Таскова потекнува од Кратово, а нејзината книга сега продолжува да патува надвор од македонскиот културен простор.
„Оваа книга не ја напишав само за да биде прочитана. Ја напишав за жената која плачела во тишина, за мајката која го криела стравот зад насмевка, за сестрата која никому не кажала што преживеала и за секоја жена која некогаш си рекла: ‘Ќе издржам уште малку’“, вели Таскова.
„Лузни што зборуваат“ не заминуваат само во Белград. Заминува дел од мојата душа.
Мојата прва книга, „Лузни што зборуваат“, го продолжува својот пат надвор од границите на Македонија. Од моето Кратово, од градот во кој се родија моите зборови, 35 лузни ќе отпатуваат во Белград, во ново издание на српски јазик – „Ožiljci koji govore“.
Триесет и пет лузни.
Триесет и пет приказни.
Триесет и пет болки што некогаш молчеле, а денес зборуваат преку стих.
Оваа книга не ја напишав само за да биде прочитана.
Ја напишав за жената која плачела во тишина.
За мајката која го криела стравот зад насмевка.
За сестрата која никому не кажала што преживеала.
За ќерката која растела со болка што не била нејзина.
За секоја жена која некогаш си рекла: „Ќе издржам уште малку.“
А сега моите 35 лузни ќе зборуваат и на друг јазик.
Ќе заминат од Кратово, но нема да го заборават местото од кое тргнале.
Со себе ќе ја понесат мојата болка, мојата храброст, моите тишини и мојата надеж.
Особено место во книгата има и проф. д-р Венко Андоновски, чија рецензија стана значаен дел од патот на „Лузни што зборуваат“.
Неговите зборови:
„Честитки, Радица, да ти се можат делата!“
за авторката претставуваат чест и поттик за понатамошно творештво.
Со објавувањето на српското издание „Ožiljci koji govore“, пораката на книгата ќе стигне и до нова читателска публика.
Таскова не знае во чии раце ќе завршат 35-те примероци, ниту која од приказните најмногу ќе го допре читателот. Но, како што вели, најголемата вредност на книгата ќе биде ако барем една жена во неа ја препознае сопствената болка и почувствува дека не е сама.
Ако една жена најде сила да проговори, книгата ја исполнила својата мисија.
Ако една жена сфати дека насилството не е љубов и дека заслужува достоинство и живот без страв, тогаш секоја солза претворена во стих добила смисла.
Од Македонија до Белград, така, патува не само една книга, туку порака дека и најдлабоката болка, кога ќе најде зборови, може да стане глас.
„Лузни што зборуваат“ – книга за сите оние чии лузни одбиле да молчат.


