Промоција на новиот роман на Венко Андоновски во Прилеп

На 3 април (петок), со почеток во 18 часот, во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ќе се одржи промоција на најновиот роман на Венко Андоновски, „Александар јава на запад“.

Станува збор за дело кое веќе го привлече вниманието на книжевната јавност, влегувајќи во најтесниот избор за престижната награда „Роман на годината“, а во меѓувреме доживеа и второ издание.

Промотор на настанот ќе биде Габриела Стојаноска-Станоеска – поетеса, раскажувачка и книжевна критичарка од Прилеп, добитничка на наградата „Македонска книжевна авангарда“, како и на повеќе признанија за краток расказ, меѓу кои и на конкурсот на „Нова Македонија“. Во своето излагање, таа ќе се осврне на симболиката, слоевитоста и хуморот во романот, доближувајќи го делото до публиката.

Говорејќи за романот, Андоновски посочува дека станува збор за дело кое истовремено предизвикува смеа и отвора сериозни прашања:

„Ќе се смеете до солзи, ама нема секогаш да знаете и дали додека ви течат солзи од смеа, сепак плачете над бедата на историјата, над денес понижените херои и над паднатиот човек.“

Организаторите најавуваат интерактивна средба, на која посетителите ќе имаат можност не само да се запознаат со романот, туку и директно да разговараат со авторот.

Промоцијата е отворена за сите љубители на литературата.

Слични Објави