Земјоделците најавуваат голем протест во Скопје околу 20 октомври

Земјоделците од Пелагонија најавуваат голем протест во Скопје околу 20 октомври, на кој, како што велат, треба да се обединат земјоделците и сточарите од повеќе сектори.

„Тутунот завршува, пиперките завршуваат, јаболката се берат, оризот е ожнеан. Сите се дома“, вели еден од земјоделците, повикувајќи ги производителите од различните земјоделски гранки заеднички да излезат на протест.

Сточарите, меѓу другото, бараат исплата на субвенциите за десет месеци млеко, 250 евра годишно по грло, како и промена на правилникот за означување на млечните производи.

„На производите точно да пишува што има внатре – колку вештачко, колку вода, колку хемикалии и колку наше природно млеко“, вели земјоделецот.

Тој додава дека најавените инспекциски контроли во млекарниците не треба да се гледаат како исполнување на барањата на сточарите, туку како резултат на притисокот што го вршат.

„Нема да нè радува само тоа што инспекторатот ќе проверува што точно млекарниците давале. Ние бараме да се задоволат сите наши барања“, вели тој.

Земјоделците бараат и конкретни одговори за обезбедените средства за земјоделството, прашувајќи каде е буџетот за секторот и зошто секоја година се чека на ребаланси.

Од земјоделците упатуваат повик до производителите на пченица, пиперки, јаболка, лозарите, градинарите и другите земјоделци да се организираат по сектори и заеднички да настапат на најавениот протест.

„Земјоделци, сточари, овоштари, градинари, освестете се и подгответе се за околу 20-ти. Ние сме тука, а вие треба да видите со нас“, порачува Борче Бочински.

Слични Објави