Пелагониските сточари на раб на опстанок: Бараат итни решенија од државата
Пелагониските одгледувачи на овци се соочуваат со сериозни проблеми што го загрозуваат опстанокот на оваа сточарска гранка. Ниска откупна цена, застој во откупот и неисплатени субвенции создаваат услови што доведуваат до финансиски загуби и неизвесност за иднината на ова производство. Во моментов, откупната цена на јагнињата изнесува од 210 до 220 денари за килограм жива мера, што според сточарите не е доволно за да ги покријат трошоците за производство. Дополнително, поради три месечниот застој во откупот, одгледувачите се принудени да продаваат по цени што не им се исплатливи.
„Откупната цена е ниска, а обврската да предадеме половина од јагнињата во кланица ни го скратува просторот за пазарење. Ако не ги испорачаме, остануваме без субвенции. Јагнињата веќе се прераснати, што дополнително ја отежнува продажбата. Бараме итно укинување на оваа мерка и помош од Министерството за земјоделство. Субвенциите за 2024 година, исто така, сè уште не се исплатени, иако беше најавено дека по лозарите, ќе дојдеме ние на ред“, изјави Боби Бошевски, сточар од Пелагонија. Слични ставови има и неговиот колега Кирил Стефановски, кој нагласува дека околу 70 отсто од јагнињата во регионот се веќе прераснати и остануваат во шталите.
„Прераснатите јагниња не можеме да ги извеземе на италијанскиот пазар. Можеме во Албанија или Бугарија, но тие не се европски пазари. Проблемот произлегува токму од обврската за испорака во кланици. Нашите обиди да најдеме заедничко решение со Министерството досега не дадоа резултати“, предупредува Стефановски.
Откупот на јагнињата ќе трае уште десетина дена, но сточарите стравуваат дека без промена на политиките, голем дел од производството ќе остане непродадено. Тие бараат Министерството за земјоделство итно да ја укине мерката 50/50 со која се условени при продажбата на јагнињата во време на откуп пред велигденските празници. Од друга страна, кланиците нудат пониски откупни цени од реалната производна цена, со што се доведува во прашање рентабилноста на сточарите.
Доколку не се преземат итни мерки, постои ризик за значителен пад на производството и уште поголема криза во оваа гранка. Сточарите најавуваат дека доколку нивните барања не бидат исполнети, ќе бидат принудени на порадикални чекори во борбата за своите права.