Ректорите од Југоисточна Европа во посета на Научниот институт за тутун – Прилеп и Музејот за тутун
Вчера Научниот институт за тутун – Прилеп и Музејот за тутун го посетија раководството и професорите од УКЛО од Битола, заедно со учесниците на 9 – тиот Ректорски форум на Југоисточна Европа и Западен Балкан, кој УКЛО го организираше во соорганизација со алијансите: COLOURS, EUTOPIA и YUFE.
Домаќин на високите гости, на вториот ден од нивниот престој во Македонија, беше Научниот институт за тутун, кој оваа година слави 100 години од неговото формирање во далечната 1924 година. Во тој контекст, директорката на НИТ д-р Валентина Пеливаноска ги запозна гостите со јубилејот, историјатот, постигнувањата и капацитетот на НИТ, како и со предизвиците на „следните 100 години“.
Алијансата „Colours”, каде УКЛО членува, е важна паневропска академско – регионална соработка и затоа беа одржани серија настани за идните можности и улогата на академската заедница во модерниот свет. Посебно место на овој исклучително важен настан за универзитетските заедници во Југоисточна Европа имаа актуелноститете за универзитетските сојузи, универзитетските вредности и алијанси. УКЛО, кој оваа година прославува 45 години од своето постоење, во рамките на споменатата соработка одржува уште две важни случувања: промоција на мобилниот колаборативен простор (CoSpace) за размена на идеи, соработка и поврзување меѓу академијата и соработниците од бизнисот, граѓанскиот, владиниот и образовниот сектор (поставен на Широк Сокак) и Теренско истражување на тема Туризам (активност на работен пакет 3 од Алијансата КОЛОРС), кое ќе се реализира денес, на ФТУ во Охрид.
Високите гости и домашни и од странство, поминаа неколку часови и на прославата – организирана по повод 100 – годишнината на Научниот институт за тутун – Прилеп и во Постојаната поставка на Музејот за тутун, кој го раководи НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп, а интересно е дека и Музејот за тутун и НИТ се во „ново руво“: дворот на НИТ, кое е еден од најубавите дворови во Македонија е потполно реновиран, а се измени и обогати и Музејот за тутун. Во рамките на истата прослава, напечатен е скапоцен каталог на Ликовната збирка на НИТ и Музејот за тутун, со кој беа почестени гостите. Оваа прослава беше организирана на највисоко можно ниво, а НИТ навистина покажа дека капиталот од 100 – те години наука и знаење тежи и обврзува. Тоа го видовме на секој чекор, од влезот во НИТ, до салата на Музејот за тутун и до прекрасниот двор, кој ќе биде место за настани од највисока класа.