„Градот во мене“ на Александар Џинго сношти пред љубителите на уметноста

Во Ликовната галерија при Центарот за култура синоќа беше отворена изложбата „Градот во мене“ на м-р Александар Џинго. Изложбата привлече голем број љубители на ликовната уметност.
Вечерта започна со настап на хорот „Св. Петка“, кој со изведба на македонска песна го збогати отворањето на изложбата. За творештвото на Џинго говореше актерката Марија Спиркоска Илиеска, која го опиша авторот како уметник со слобода на духот, мислата и уметничкото изразување.
„Секое дело, секој лик има приказна – од каде доаѓа, што чувствува и каде заминува. Важно е што ние користиме од градот, од позитивните работи, за да оставиме позитивни дела“, истакна Спиркоска Илиеска, упатувајќи му порака на уметникот да продолжи да сонува и да создава.
За најновиот циклус „Градот во мене“ говореше и Бранче Трајкоски, кој посочи дека делата на Џинго воспоставуваат комуникација меѓу историското и современото во уметноста. Според него, академскиот реализам се надополнува со елементи на современата апстракција, создавајќи специфична фузија меѓу класичниот ликовен израз и современиот експресионизам.
Трајкоски посебно ја истакна техничката разновидност во делата, во кои се комбинираат цртежот со јаглен и контролираната линија со сликарски колорит реализиран преку маслени бои, мрсен пастел и акрил.
„Овој колорит варира од монохроматски до полихроматски, изразен преку слободен, речиси неконтролиран потег. Ваквото комбинирање на техниките успешно го дефинира трансформативниот стил на композицијата – тој е елегантен, динамичен и просторен, со силен авторски печат врз платната“, истакна Трајкоски.
Тој нагласи дека посетителите пред себе имаат интроспективни уметнички остварувања во голем формат, со изразена визуелна моќ, кои отвораат простор за препознавање и преиспитување на сопствените емоции, но и на влијанијата што ги носи надворешната средина.
Изложбата „Градот во мене“ го претставува најновиот творечки циклус на Александар Џинго и нуди авторски поглед кон градот како простор на сеќавања, чувства, луѓе и лични доживувања.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.


