Од идеја до бизнис – младите од Прилеп го покажаа својот потенцијал – Одржан првиот настан за младинско претприемништво и бизнис-пичин
Во Прилеп денеска се одржа првиот настан посветен на младинското претприемништво и бизнис-пичинг, на кој ученици од прилепските средни училишта ги презентираа своите бизнис-идеи пред претставници на бизнис-секторот, професори, ментори и искусни претприемачи.
Целта на настанот беше младите да добијат можност своите идеи да ги претстават пред потенцијални партнери и ментори, но и да стекнат практични знаења и нови контакти кои би можеле да им помогнат во понатамошниот развој на нивните проекти.
На настанот присуствуваше и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, како и претставници на Регионалната стопанска комора-Прилеп и локалната бизнис-заедница. Тие со учениците разговараа за можностите за развој на нивните идеи, предизвиците со кои се соочуваат младите претприемачи и потребата од поголема поврзаност меѓу образованието и бизнис-секторот.
Од Локалната самоуправа на Општина Прилеп посочуваат дека поддршката на младинското претприемништво е дел од напорите за создавање услови младите да ги развиваат своите знаења и способности и да имаат можности за професионален развој во својот град.
Бидејќи учесниците се ученици од средните училишта чиј основач е Општина Прилеп, преку вакви активности локалната самоуправа настојува да поттикне развој на претприемачкиот дух и стекнување практични знаења кај младите.
Настанот беше организиран со поддршка на Стопанската комора на Македонија, Регионалната стопанска комора-Прилеп, претставници на бизнис-секторот, професори и ментори, а иницијативата и организацијата беа реализирани во соработка со здружението GenVibe.
Организаторите очекуваат ваквите активности да придонесат за поголемо поврзување на младите со локалната економија и создавање нови можности за развој на нивните бизнис-идеи.


