Уште едно предупредување од „Комуналец“ до дуќанџиите – од ноември инспекциски пријави
ЈКП „Комуналец“ од Прилеп повторно реагира на оставањето отпад пред деловните објекти на тротоарите.
Од претпријатието велат дека, и покрај досегашните јавни повици и личните посети, дел од дуќанџиите и бизнис-секторот продолжуваат отпадот да го оставаат пред своите дуќани, во време кога ним им одговара.
„Дуќанџиите и бизнис секторот и понатаму со став дека отпадот треба да го оставаат пред дуќанот на тротоар, кога ќе им се посака и дење и ноќе“, објави ЈКП „Комуналец“.
Од претпријатието информираат дека во текот на наредната недела уште еднаш ќе биде доставена лична информација до дуќанџиите и другите засегнати.
Но, овојпат предупредувањето е поостро.
Од ЈКП „Комуналец“ најавуваат дека од месец ноември ќе следуваат пријави до Инспекторатот, доколку продолжи ваквата практика.


