Општата болница во Прилеп со извештај за финансиското работење
ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп објави извештај за состојбата во установата, финансиското работење, инвестициите, кадровските промени и реализираните активности во периодот по преземањето на раководењето на 8 август 2024 година.
Според податоците наведени во извештајот, во болницата се вработени 713 лица. Од нив, 92 се доктори специјалисти, 30 доктори по општа медицина, 14 доктори стоматолози и 46 доктори специјализанти. Во установата работат и 224 медицински сестри, 40 медицински лаборанти, 23 дипломирани радиолошки техничари, 20 физиотерапевти, 13 стоматолошки сестри, 7 фармацевтски техничари, 114 болничари и 90 лица од административно-техничкиот и друг стручен персонал.
Болницата функционира во повеќе објекти, располага со околу 345 болнички кревети и, според извештајот, дневно обезбедува здравствени услуги за повеќе од 1.000 пациенти.
Од установата наведуваат дека нејзините услуги ги користат жители од Прилеп и повеќе општини од регионот, како и пациенти од други градови.
Долгот намален, тврди раководството
Во извештајот се наведува дека во август 2024 година установата била затекната со главен долг од над 200 милиони денари, доспеани обврски, извршни постапки, нарушена ликвидност и блокирана сметка.
Раководството наведува дека во периодот што следел бил спроведен процес на финансиска консолидација и контрола на трошоците, по што главниот долг бил намален на околу 97 милиони денари.
Во извештајот се наведува и дека биле намалени дел од трошоците за гориво, сервисирање на возила, медицински отпад, медицински гасови, службени патувања и други услуги.
Раководството, исто така, тврди дека биле прекинати трошоците за приватни агенции за чистење и обезбедување, како и одредени практики поврзани со касовни исплати и евидентирањето на прометот.
Во документот се споменува и промет од над 20 милиони денари за 2023 и 2024 година кој, според раководството, претходно не бил внесен во соодветната евиденција.
Околу 110 милиони денари инвестиции
Според извештајот, во текот на 2025 и 2026 година болницата инвестирала околу 110 милиони денари сопствени средства во медицинска опрема, апарати и модернизација на установата.
Дополнително, преку соработка со компании, фондации, донатори и други институции биле обезбедени донации во вредност од над 40 милиони денари.
Вкупната вредност на инвестициите и донациите, според податоците од извештајот, изнесува околу 150 милиони денари.
Од болницата наведуваат дека средствата биле насочени кон набавка на медицинска опрема, апарати, болнички инвентар, медицински материјали и друга опрема.
Нови вработувања и специјалистички кадар
Во периодот опфатен со извештајот, според раководството, 124 лица добиле редовен работен однос.
Најголем дел од нововработените се доктори, медицински сестри и болничари, додека помал дел се административно-технички работници.
Дополнително, во установата биле преземени осум приватни специјализанти, како и шест доктори специјалисти кои претходно работеле во приватни или други јавни здравствени установи.
Во извештајот се наведува дека со овие кадровски промени бил зајакнат стручниот потенцијал и бил проширен опсегот на специјалистички услуги.
Трошоци за храна, гориво и лекови
Еден од деловите на извештајот се однесува на категориите кај кои во 2026 година има зголемување на расходите.
За болничката исхрана, раководството наведува дека кујната била затворена поради лошата хигиенско-санитарна состојба, дотраената опрема и потребата од значителни вложувања.
Исхраната потоа била обезбедена преку надворешна услуга. Од болницата наведуваат дека вработените во кујната не останале без работа, туку биле распоредени на други работни позиции.
Како причини за зголемените трошоци за лекови се наведуваат поголемиот број оперативни зафати, воведувањето нови хируршки техники, проширувањето на здравствените услуги и воведувањето нови лабораториски анализи.
Кај горивото, во извештајот се наведува дека зголемувањето на трошоците е минимално и се поврзува со растот на цените на нафтените деривати.
Зголемените трошоци за сервисирање на возилата, пак, се објаснуваат со староста на возниот парк. Според извештајот, биле извршени и два генерални ремонта на санитетски возила.
Исплати по судски пресуди
Во извештајот се наведува дека зголемувањето на трошоците по основ на извршни решенија во 2026 година е поврзано со правосилни судски пресуди по тужби на вработени.
Станува збор за побарувања поврзани со неисплатени права по основ на храна и додатоци на плата за периодот од 2019 до 8 август 2024 година.
Од болницата наведуваат дека останатите расходи бележат помали отстапувања кои се поврзани со тековното функционирање на установата.
Греење и одржување
Една од наведените активности е обезбедувањето континуирано греење во Болницата и Здравствениот дом.
Според раководството, во анализираниот период немало прекин во греењето, за разлика од претходни години кога, како што се наведува, имало подолги периоди без греење.
Во извештајот се наведува и дека редовно се одржувал кругот на болницата.
Приходи од здравствени услуги
Според податоците на установата, зголемени се и приходите од партиципација и други здравствени услуги.
Раководството тоа го поврзува со подобрена контрола на приходите, финансиската дисциплина и преземањето мерки за наплата на побарувања од претходниот период, вклучително и побарувања од концесионери и корисници на здравствени услуги.
Обуки и специјализации
Во извештајот се наведува дека паралелно со набавката на нова медицинска опрема се обезбедуваат и обуки за здравствените работници за нејзино користење.
Установата, како што се наведува, продолжува и со испраќање доктори на специјализација според потребите на болницата, како и со организирање обуки и други форми на стручно усовршување на докторите и медицинските сестри.
Од раководството оценуваат дека преземените мерки придонеле за подобрување на финансиската и организациската состојба на установата.
Во извештајот се наведува и дека болницата добила позитивен контролен ревизорски извештај, но за целосна слика за финансиското работење потребно е да се има увид во самиот ревизорски документ и неговите наоди.
Според раководството, приоритет во наредниот период останува одржувањето на финансиската стабилност, натамошното инвестирање во медицинска опрема, кадровското зајакнување и подобрувањето на условите за пациентите и вработените.



