Со месеци уценувал примател на социјална помош – приведен службеник од Прилеп
Основното јавно обвинителство во Прилеп отвори истрага против виш референт за шалтерски услуги во Центарот за вработување, осомничен за примање поткуп. Според Обвинителството, службеникот во периодот од 23 април до 24 јули 2026 година побарал и примил вкупно 18.000 денари од корисник на социјална помош од селото Бело Поле.
Како што се наведува, осомничениот му се заканил на оштетениот дека ќе му биде укината социјалната помош доколку не му исплаќа половина од месечниот надоместок. Воедно, му ветил дека неговата сопруга ќе биде евидентирана како активен барател на работа, иако не ги исполнувала условите за тоа. Полициски службеници го привеле осомничениот при примањето на последните 6.000 денари, а Обвинителството предложи да му биде определен притвор. Против него се води истрага за кривичното дело „Примање поткуп“ по член 357 од Кривичниот законик.



