Прво место за учениците од „Орде Чопела“ на меѓународен хакатон
Во конкуренција од над 50 учесници од 10 градови и две држави – Македонија и Шведска – како и претставници од девет факултети, три средни училишта и 12 студентски организации, тимот на СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп освои прво место на хакатон организиран во Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) – Битола.
Победничкиот тим, составен од учениците Стефан Николоски, Ана-Марија Блажеска, Ангел Алексоски и Андреа Василеска, под менторство на професор Ѓорѓија Гагалески, настапи со иновативната идеја „Паметно урбано зеленило“. Нивниот проект импресионираше со мултидисциплинарен пристап и понуди современо решение за подобрување на урбаните зелени површини преку дигитални алатки и паметни системи.









Хакатонот се одржа на тема „Мултидисциплинарни предизвици на тројната транзиција: социо-економски, зелени и дигитални транзиции“, и имаше за цел да ги поттикне младите на развој на идеи што одговараат на актуелните општествени и еколошки предизвици.
Успехот на прилепските средношколци претставува значајно признание за нивната креативност, технички вештини и тимска работа, но и потврда за квалитетната поддршка што ја добиваат во училиштето.



