Педесетина дечиња од прилепската градинка „Наша иднина“, вчера се дружеа со книгите и библиотекарките во Градската библиотека „Борка Талески“

Посетата беше реализирана во рамките на проектот „Љубовта кон книгата се раѓа во библиотеката“, чија цел е уште од најрана возраст кај децата да се поттикне љубовта кон книгата и читањето.

Најмладите имаа можност да го разгледаат Детскиот оддел на библиотеката, кој неодамна повторно е ставен во функција и уреден за потребите на младите читатели. Тие разгледуваа сликовници и книги соодветни за нивната возраст, слушаа бајки што им ги читаа библиотекарите и преку интерактивни содржини дознаа повеќе за значењето на книгата и улогата на библиотеката.

Посебно внимание кај децата предизвика креативниот перформанс на библиотекарите, кои на интересен начин им го доближија магичниот свет на книжевноста.

Настанот беше организиран од Градската библиотека „Борка Талески“, а во неговата реализација учествуваа и библиотекарката Верче Искова од ООУ „Блаже Конески“ и раководителката на градинката „Гоце Делчев“, Елеонора Костоска Јованоска.

Од библиотеката најавуваат дека со ваквите активности ќе продолжат и во иднина, со цел да создаваат нови генерации читатели и да ја афирмираат библиотеката како отворен и привлечен простор за најмладите.

Проектот „Љубовта кон книгата се раѓа во библиотеката“ е дел од годишната програма на установата и се реализира во соработка со ЈОУДГ „Наша иднина“ – Прилеп.

Слични Објави