СОВРЕМЕ МУАБЕТИ ЗА СОВРЕМЕН ТЕАТАР
Среда 15.01. – 18 часот, во фоајето на НУЦК„Марко Цепенков“-Прилеп, ќе се одржи промоцијата на „Современи театарски осврти“ од Звонко Димоски.
„Современи театарски осврти“, книгата која е предмет на оваа промоција, е иницијална збирка аналитички профилирани размисли на Звонко Димоски, со која авторот ги манифестира своите неколкугодишни гледачки искуства на театарски претстави низ македонските театри.
Оваа книга умешно балансира по работ на личниот есеистички израз и дискурзивниот пристап кон анализираната проблематика. Солидно исполнувајќи ги формалните естетски, стилистички и јазични критериуми, ова четиво нуди удобност да се фокусираме на суштината и содржината на истото.
Истовремено, со дистанцата од личните ставови преку обраќањето во граматичко трето лице множина, авторот се позиционира од страната на пошироката публика, а не како осамен и ригиден критичар. Со тоа, недвосмислено поканува на отворена, аргументирана и пријателска дебата за истите меѓу сите на кои театарот и драмската уметност им се од посебно и суштинско значење.
Александар Еленин
Промоцијата ќе ја модерира Оливера Андоноска.
Промотор ќе биде Габриела Стојаноска Станоеска.
Дизајн на насловна фотографија: Civette Production