Вечерва, на територијата на Општина Кривогаштани ќе се спроведе дезинсекција против комарци
Општината Кривогаштани ја информира јавноста дека вечерва ќе се спроведе најавената акција за превентивна систематска дезинсекција против комарци на целата територија на општината.
Според соопштението, по претходно одложување, активностите ќе се реализираат на 15 јуни 2026 година, во периодот од 22:00 до 04:00 часот, согласно утврдениот план и одлуката на ЕЛС Кривогаштани. Акцијата ќе ја спроведува екипа од Центарот за јавно здравје – Прилеп, со примена на адултицидна теристична (од земја) дезинсекција, со цел уништување на возрасни форми на комарци.
Дезинсекцијата ќе се изведува со УЛВ апаратура за ладно замаглување, поставена на пикап возило, придружувано со претходница од означено возило со ротационо светло.
Со активностите ќе бидат опфатени повеќе населени места, меѓу кои Врбјани, Годивље, Крушеани, Обршани, Бела Црква, Пашино Рувци, Воѓани, Кореница, Боротино, Славеј, Кривогаштани и Подвис, како и повеќе критични точки како депонијата, Блато река, пречистителната станица, резервоарите, попатните канали и места со стоечки води.
Од надлежните апелираат пчеларите навремено да преземат мерки за заштита на пчелните семејства, со цел избегнување на евентуални штети.
Исто така, се повикуваат граѓаните да ги почитуваат препораките во текот на изведувањето на дезинсекцијата, бидејќи во спротивно Центарот за јавно здравје – Прилеп се оградува од одговорност за можни несакани последици.


