Професорка од Прилеп прогласена за „Наставник на годината“

Големо признание за прилепското образование – професорката д-р Мирјана Стојческа Ѓорѓиоска од СОУ „Орде Чопела“ е прогласена за „Наставник на годината“ на Националниот натпревар на ученички компании, организиран од Џуниор Ачивмент Македонија.

Оваа престижна награда претставува потврда за нејзината долгогодишна посветеност, иновативен пристап во наставата и несебична поддршка на учениците, кои преку нејзиното менторство успешно ги развиваат своите идеи и претприемачки вештини.

Од СОУ „Орде Чопела“ истакнуваат дека признанието е голема чест не само за професорката, туку и за целото училиште, бидејќи претставува доказ дека трудот, креативноста и вложувањето во младите се препознаваат и на национално ниво.

„Нејзиниот ентузијазам, професионалност и постојана поддршка ги мотивираат учениците да размислуваат иновативно и своите идеи да ги претвораат во успешни проекти“, велат од училиштето.

Наградата „Наставник на годината“ се доделува на наставници кои покажуваат исклучителна ангажираност во поттикнувањето на претприемништвото, тимската работа и креативноста кај младите.

Со ова признание, д-р Мирјана Стојческа Ѓорѓиоска уште еднаш го потврди високото ниво на квалитет и посветеност што го негува прилепското образование.

Слични Објави