Нов инфраструктурен зафат во Прилеп – Над 5,9 милиони денари за модернизација на водоводната мрежа

Започна реализацијата на инфраструктурен проект – реконструкција на водоводната мрежа на улицата „Кузман Јосифоски“, со кој ќе се подобрат условите за водоснабдување и ќе се реши долгогодишен проблем со дотраената инфраструктура во овој дел од градот.

Проектот се реализира со поддршка на Владата, преку Министерството за животна средина и просторно планирање, а неговата вкупна вредност изнесува 5.902.588 денари. За изведувач на работите е избрана компанијата ВОД-ВАР ИНЖЕНЕРИНГ од Скопје, додека рокот за реализација е шест месеци. Според утврдената динамика и разговорите со изведувачот, се очекува градежните активности да завршат значително побрзо, односно за околу 60 работни денови.

Реконструкцијата ќе се одвива на потегот од јазолот на булеварот „Гоце Делчев“ со улицата „Кузман Јосифоски“ (бр. 1–55), до јазолот со улицата „Ленин“ (бр. 1–72), со што е прецизно дефиниран опфатот на проектот.

Со овој инфраструктурен зафат ќе се реши долгогодишниот проблем со постојната водоводна линија, која досега минувала низ приватни имоти, создавајќи сериозни потешкотии при интервенции и одржување. Станува збор за главен транспортен цевковод кој носи вода од резервоарот во Варош, што ја прави оваа инвестиција особено важна за стабилно и непречено водоснабдување на жителите.

Во рамки на проектот, старите азбестно-цементни и метални цевки ќе бидат заменети со современи полиетиленски цевки, со што значително ќе се подобрат сигурноста, квалитетот и долговечноста на водоводната мрежа.

Предвидена е изградба на околу 300 метри главна водоводна линија со профил Ф-315, како и дополнителни 140 метри секундарна мрежа со профил Ф-63, на која ќе бидат поврзани и куќните приклучоци на жителите.

Од Прилеп истакнуваат дека продолжуваат со реализација на капитални инфраструктурни проекти, насочени кон модернизација на градската мрежа и обезбедување поквалитетни и побезбедни услови за живот за граѓаните.

Слични Објави