До 5.000 евра казна за мачење животни… – Строги казни во новиот предлог-закон за заштита на животните
Казни до 5.000 евра за мачење, сурово и нехумано постапување или убивање животни, како и 400 евра за несоодветно чување и шетање на куче, предвидува новиот предлог-закон за заштита и благосостојба на животните.
Предлог-законот е изготвен од Агенцијата за храна и ветеринарство, во соработка со релевантни институции и организации, меѓу кои Ветеринарната комора, Ветеринарниот факултет, ресорните министерства, ЗЕЛС и здружението „Анима Мунди“.
Со законските измени се настојува системски да се адресира проблемот со напуштањето на домашните миленици, нивното неконтролирано размножување и нерегулираната трговија, со крајна цел намалување на бројот на бездомни животни.
Меѓу клучните одредби се предвидува: трајна забрана за чување миленици за сопственици кои ќе ги напуштат своите животни; забрана за неконтролирано размножување, продажба и подарување миленици; ограничување на чувањето кучиња во несоодветни услови, вклучително и нивно постојано држење врзано или изолирано без редовно движење; како и забрана за усмртување животни за ритуални цели.
Законот предвидува и воспоставување Центар за трајно згрижување и вдомување на напуштени животни, како и развој на систем за привремено згрижување. Дополнително, се воведува обврска за регистрација на пансиони, продавници и одгледувачници за миленици.
Во делот на размножувањето, се пропишува дека една мачка или кучка може да има најмногу едно легло годишно, како и задолжителна стерилизација на домашните кучиња. Продажбата и подарувањето миленици ќе бидат дозволени исклучиво преку регистрирани одгледувачи, кои ќе имаат обврска да ги пријавуваат леглата и новите сопственици.
Надзорот над спроведувањето на законските одредби ќе го вршат инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот комунален инспекторат, општинските инспекции, како и Министерството за внатрешни работи.
Со предложените решенија, институциите настојуваат да воспостават поодговорен однос кон животните и да обезбедат долгорочно и одржливо намалување на бројот на бездомни миленици.
Иако предлог-решението е веќе изготвено и доставено, од Министерство за земјоделство велат дека до нив сè уште не е пристигнато. Во меѓувреме, најавени се јавни презентации на законот низ државата.



