Во македонска зелка откриена хемикалија штетна по здравјето на луѓето
Хрватските власти открија остатоци од забранетиот пестицид имидаклоприд во пратка зелка увезена од Македонија. Според нив, тоа се случило на хрватската граница, па инспекторите веднаш наредиле да се уништи целата пратка свежа зелка од Македонија.
Хрватските власти неодамна алармираа за присуство на „Имидаклоприд“ во свежа зелка со потекло од Македонија. Иако пестицидот е забранет повеќе од пет години, лабораториските тестови потврдија негово присуство при контрола на граничен премин.
Случајот повторно го отвора прашањето за безбедноста на храната и заштитата на здравјето на потрошувачите.
„Имидаклоприд“ кој го најдоа хрватските власти во македонската зелка е синтетички пестицид од класата на неоникотиноиди, познат по својата висока токсичност за инсектите. Ова соединение функционира како невротоксин, кој ја нарушува нервната активност на штетниците, но истовремено има значителни штетни ефекти врз животната средина, здравјето на луѓето и корисните инсекти, како што се пчелите.
Комисијата на ЕУ има донесено забрана за употреба на овој пестицид, бидејќи делува штетно врз срцето, бубрезите, тироидната жлезда и мозокот и може да предизвика невролошки симптоми, вклучително и респираторна инсуфициенција и смрт.
И производителите и трговците признаваат дека зеленчукот се прска со пестициди, но граѓаните се скептични дали тие се соодветни и безопасни по здравјето на луѓето.