Насилникот што тепаше жена „во живо“ на Тик-Ток, упатен на психијатриско лекување 

Мажот од Радовиш, кој брутално ја тепаше својата бремена партнерка и насилството го пренесуваше во живо на социјалните мрежи, е хоспитализиран во Психијатриската болница Негорци. Видеото од нападот, кое брзо стана вирално, прикажува како 35-годишникот ја критикува беспомошната жена за начинот на кој седела на клупа, по што ја удира неколку пати, ја навредува и ѝ се заканува дека ќе ја избрка од дома.

Од СВР Струмица потврдија дека на 27 март 2025 година, лицето е спроведено на психијатриско лекување.

„На 27 март 2025 година, лицето е спроведено на лекување во Психијатриската болница Негорци“, информираат од полицијата.

Иако нападот беше документиран во реално време, осомничениот веќе бил познат на органите на прогонот. Според СВР, против него во 2024 година биле поднесени две кривични пријави од страна на две женски лица – едната за телесна повреда, а другата за загрозување на сигурноста.

„Во ОВР Радовиш, во 2024 година, две женски лица пријавиле случаи против истото лице. Еден случај е за телесна повреда по член 130 став 2 во врска со став 1, а вториот е за загрозување на сигурноста по член 144 од Кривичниот законик. И двата случаи се целосно расчистени и поднесени се соодветни поднесоци до надлежното обвинителство“, соопштија од полицијата.

Дополнително, неговата партнерка одбила да поднесе кривична пријава за последниот напад, тврдејќи дека инцидентот се случил минатата година, иако видеото покажува датум 22 март 2025 година. Пријавата против него ја поднела нејзината мајка, која подоцна добила и закани по животот од негова страна преку социјалните мрежи.

Овој случај повторно го отвори прашањето за потребата од законски измени кои ќе овозможат гонeње на насилниците по службена должност, без потреба од формална пријава од жртвата. Од Хелсиншкиот комитет посочуваат дека постојниот Закон за кривична постапка треба да се промени за да се обезбеди ефикасна заштита на жртвите.

„Ако постои ризик по животот и здравјето на жртвата, обвинителството мора да може да преземе мерки по службена должност. Ваквата правна измена би помогнала во спречување на фемицид и би ја зајакнала заштитата на жртвите на семејно насилство“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Според податоците на ОБСЕ, пријавите за семејно насилство во последните години растат, но вистинскиот број на жртви останува многу поголем. Според невладините организации, само 2% од жртвите на семејно насилство се охрабруваат да пријават во полиција, а дури 80% од нив подоцна се повлекуваат од кривичното гонење.

Слични Објави