Билјана Тинтоска ја промовираше „Момина солза“ – 19 приказни за 19 години живот и созревање
Во емотивна атмосфера исполнета со искрени и ретки чувства, деновиве во Средното медицинско училиште „Ѓорче Петров“ беше промовирана најновата книга на писателката и професорка по мајчин јазик, Билјана Тинтоска. Настанот привлече бројни ученици, колеги, пријатели и љубители на пишаниот збор, а училишниот хол беше претесен да ги собере сите што сакаа да бидат дел од оваа свеченост.
Новата збирка раскази „Момина солза“ содржи 19 меѓусебно поврзани приказни, кои симболично ги отсликуваат 19-те години од животот на секој ученик — период исполнет со растење, созревање и избор на сопствен животен пат по завршувањето на средното образование.
Присутните истакнаа дека преку своето творештво и педагошка работа, Тинтоска остава длабок белег во заедницата, при што не изостанаа ни споредбите дека во Прилеп се наѕира нов литературен глас кој достојно го продолжува патот на големите имиња како Блаже Конески.
Промоцијата донесе и силни пораки. Учениците ја нагласија улогата на професорката како искрен просветен работник, која ги учи да ги препознаваат вистинските вредности — духовното наспроти материјалното, човечноста, топлината и родителската грижа. Нивната порака беше јасна: доколку повеќе наставници ја следат ваквата посветеност, образовниот систем нема да биде само формалност, туку вистински простор за знаење, воспитување и личен развој.
За силната атмосфера сведочат и зборовите на самата авторка, која по настанот истакна дека вечерта била исполнета со љубов и длабоки емоции. Таа упати искрена благодарност до сите што придонеле за успешната промоција — директорката Жанета Видевска, промоторите Цеца Видова-Трајчевска и Лидија Ристеска, музичарите од бендот „The Doctors“ и Марија, како и до Исидора и Тоше за нивното водење на настанот. Посебна благодарност изрази и до „Слободно театарче“, својот клас и сите сегашни и поранешни ученици, до АД „Витаминка“ и Симон Наумоски за поддршката, студиото „Паллада“, колегите и своето семејство.
„Уште една потврда дека колку повеќе љубовта се дава, толку повеќе се умножува. Синоќа, сите заедно ја умноживме љубовта“, порача Тинтоска.
Посебен впечаток остави и пораката дека татковината им припаѓа на сите граѓани, а не на политичките партии и нивните елити, нагласувајќи ја важноста на заедништвото и општествената одговорност.
Настанот заврши со силни емоции, аплаузи и надеж дека ваквите вредности ќе продолжат да се негуваат и пренесуваат на идните генерации.









